• сабота, 06 декември 2025

Отворена самостојна изложба на мозаици од камчиња „Природата во камен“ на Изет Зеќири

Отворена самостојна изложба на мозаици од камчиња „Природата во камен“ на Изет Зеќири

Тетово, 29 август 2025 (МИА) - Во Уметничка Галерија Тетово е отворена изложбата на мозаици од камчиња на Изет Зеќири, универзитетски професор. Ова е негова петта самостојна изложба на вакви мозаици, а овој пат се изложени 35 уметнички дела.

-За нивната изработка сум користел камчиња од овој крај, посебно од Шар Планина, од Тетово, Охрид, Струга. Тешко е да се најдат вакви колоритни камчиња, потоа тие мора многу прецизно да се кршат и колоритно да се постават во мозаикот за да го искажат тоа што сум сакал да го претставам, а тоа е моето видување на природата почнувајќи од езерата, планините и другите природни убавини.  Ова се нови дела изработени за една година, изјави Изет Зеќири.

Изет Зеќири е доктор на економски науки, поранешен секретар на МАНУ, поранешен пратеник, поранешен ректор на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје и автор на над 20 книги од областа на економијата и менаџментот.

-Јас го применувам јапонскиот стил на делење на времето, а тоа значи една недела има 168 часови од кои 56 часови се за работа, 56 часови за спиење и 56 часови за други активности. Ако по малку „украдеш“ по некој час од другите активности и од спиењето, тогаш ќе имаш доста време за да го работиш тоа што го сакаш, објаснува Зеќири.

Со „Природата во камен“, авторот упатува порака за зачувување на убавината на природата и нејзиното вечно присуство во животот на човекот, истакна проф.д-р Јелдезе Асани на отворањето на изложбата.

-Во овој циклус дела каменот повеќе не е само природен или технички елемент туку станува медиум за комуникација помеѓу уметникот и природата, помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу супстанцијата и духовноста. Во рацете на Зеќири тој станува мозаик изграден со постветеност естетска финеса и филозофија што ги спојува традицијата со совтременото, а природата со културниот елемент. Погледите на планините, реките, дрвјата, птиците и циклусите на природата претставени во овие композиции не се само визуелни илустрации, тие се поетски  размислувања за односот на човекот со околината која го опкружува. Во однос на стилот, делата од овој циклус се одлукуваат со експресионистички третман на формата и композицијата – истакна професорката.

Зеќири доега се има и претставено со тематските изложби „Мозаик со парчиња живот“, „Жената во камен“, „Мајка Тереза – од Скопје до Калкута, „Традицијата во камен“.ас/ар
Фото:Изет Зеќири 

 

Остани поврзан