Отворена ретроспективната изложба на Анета Светиева во Даут пашин амам
- Бројни дела од сите фази на уметничката кариера на уметницата Анета Светиева, што ги опфаќаат нејзините најважни и најиновативни проекти, се дел од нејзината ретроспективната изложба која од синоќа е отворена во галеријата Даут пашин амам во Скопје.
Скопје, 22 мај 2025 (МИА) - Бројни дела од сите фази на уметничката кариера на уметницата Анета Светиева, што ги опфаќаат нејзините најважни и најиновативни проекти, се дел од нејзината ретроспективната изложба која од синоќа е отворена во галеријата Даут пашин амам во Скопје.
Како што соопштија од Националната галерија, гостите имаат можност да го дофатат светот на нејзината уметност и нејзината инспирација и развој низ годините. Како што потенцираат, оваа ретроспективна изложба не само што претставува можност за длабоко запознавање со нејзината уметничка приказна, туку и поттик за понатамошни креативни подвизи. Настанот го проследи живиот дијалог со нејзиното целовито и комплексно творештво, кое одразува богата приказна за слоевитоста на животот и уметноста.

Директорката на Националната галерија, Маја Неделкоска Брзанова, на отворањето ја истакна важноста на оваа изложба како заокружување на мисијата да се презентира богатството од уметнички дела што ја отсликуваат автентичната македонска идентичност и вредности. Таа ги нагласи напорите вложени од страна на институцијата и поддршката од организациите што помогнаа во реализацијата на овој проект. Во својот говор, таа ја потенцира личната посветеност и искреноста во творештвото на Светиева, чие дело се гради врз длабоки митолошки, етнолошки и духовни теми.

Покрај тоа, кураторката Викторија Васева Димеска ја изрази благодарноста за честа да биде дел од овој проект. Таа ги нагласи трудот и посветеноста што ги вложија сите учествувачи за да се долови суштината на експозицијата. Во својата изјава, таа зборуваше за комплексната природа на делата, што ја истражуваат слоевитоста на човековите емоции, страдања, радости, љубов и страст, како и симболиката што ја носат митските и археолошките форми.
Државната секретарка при Министерството за култура и туризам Марија Ѓоргова во името на Министерството истакна дека проектот е особено значаен бидејќи ја следи монографијата за Светиева, која беше издадена во 2023 година, и во целост ја зацврстува трајната вредност на нејзиното творештво. Со ова, долгогодишното истражување и следење на богатата уметничка кариера на една од најважните македонски скулпторки добива своја довршна форма.

На вчерашното отворање на ретроспективната изложба на Анета Светиева во Даут пашин амам, претседателката Гордана Сиљановска Дафкова во своето обраќање истакна дека мала земја, како нашата, со скромни ресурси може со гордост да застане пред човечките и интелектуалните потенцијали на нашиот народ, особено во доменот на културата и културното наследство.
Ретроспективната изложба ќе биде отворена за јавноста во Даут пашиниот амам до крајот на август 2025 година. Оваа изложба е дел од програмата на Националната галерија за сеопфатно презентирање на македонските современи уметници кои ја кројат нашата ликовна сцена.бт/аа/
Фото: Национална галерија на Република Северна Македонија