• сабота, 23 ноември 2024

Отворена „Литера 2024“ - Книгите, приказните, уметноста ги носат децата на магични патувања

Отворена „Литера 2024“ - Книгите, приказните, уметноста ги носат децата на магични патувања

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Литературата и илустрацијата имаат специјално место во срцата на децата. Низ книги, приказни и уметност, тие нè носат на магични патувања, истражувајќи нови светови со различни карактери и учејќи вредни лекции попат. Преку иницијативи како фестивалот „Литера“, ги зајакнуваме културните врски и градиме мостови на пријателство меѓу нашите нации, рече амбасадорот на Турција Фатих Улусој на отворањето на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера“.

Фестивалот беше отворен синоќа, а земја во фокус оваа година е Турција.

-Јас сум татко на две деца и од сопствено искуство знам дека детската литература и илустрациите имаат неверојатна можност да ги просветлат младите умови и да ја прегрнат инклузивноста, поставувајќи основа за општество со поголемо разбирање, додаде Улусој.

Изложба на дела на тројца илустратори од Турција – Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и македонската уметница Наташа Андонова е отворена во Галеријата на Младинскиот културен центар.

Уметници, родители, деца беа присутни на отворањето и уживаа во новата приказна на „Литера“ која годинава е под мотото „Летаме заедно“. Светот им припаѓа на децата.

-„Литера“ е заедничко волшебно патување во кое се впуштивме без да предвидиме со што ќе се соочиме. Во „Литера“ е вложен огромен труд, многу непроспиени ноќи, извозени километри и многу, многу ум, рече Софија Семенпеева-Трајановска, идеен творец на фестивалот.

Писателката Зејнеп Севде сподели како физиката што била нејзина прва определба во животот ја споила со книжевноста.

-Основата на сите науки е во физиката и во нејзините основи може да се најде и книжевноста. Сепак, подоцна им се посветив на студиите по социологија, рече Севде.

Мурат Калкаван е турски уметник што една година живее во Скопје. Вели дека се уште се чувствува како турист и градот сè уште го изненадува.

-Културите ни се слични, турската и македонската култура комуницираат меѓу себе, толку се слични. Се надополнуваат. Многу работи тука ме инспирираат и одушевуваат, рече Калкаван.

Авторка на фестивалскиот постер годинава е Наташа Андонова, илустраторката што лани ја доби наградата за најдобар илустратор за 2023 година. Таа ја истакна димензијата на „Литера“ која ни овозможува да ги видиме големите доајени илустратори одблиску, но и да се запознаеме со автори од други земји.

-Сакам да упатам голема благодарност до „Литера“ и за минатогодишната награда поради која сум тука вечерва. „Литера“ ми овозможува да почувствувам работата на другите наши автори. Среќна сум што моите издавачи „Темплум“ и „Гаврош“ имаа верба во мене за да можам да го постигнам ова, рече Андонова.

Во рамки на фестивалот вчера беше отворен и Саемот на литература за деца првпат во рамки на Литера. Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, за реализација помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.бт/лв/

Фото: ПР ТИМ ЕФЕКТИВА

Остани поврзан