• петок, 05 декември 2025

Отворена изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин

Отворена изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин

Скопје, 6 август 2025 (МИА) -  Изложбата „Цвеќе на мирот“ на македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски - Цветин денеска беше отворена во галеријата „Метаноја“. Идејата за изложбата, според авторот, е да се одбележат 80 години од фрлањето на атомските бомби над јапонските градови Хирошима и Нагасаки.

Директорка на „Метаноја“ Нада Милкова истакна дека  Живко Поповски - Цветин со децении е препознатлив по неговите слики на цвеќето со кои, како што рече, постојано не потсетува дека нема поголема придобивка од мир во светот. 

- Оваа негова порака пренесена преку десетици, илјадници слики, некои од нив подарени на државници, поети, нобеловци и на луѓе со добра волја станала негов заштитен знак. Овие слики се знак на надеж. Се додека има луѓе како Цветин, заложбите за праведен мир нема да бидат сведени на циничниот став на реал-политиката за која ваквиот мир е само илузорна утопија, рече Милкова. Додаде дека Цветин е оптимист и хуманист.

null

На отворањето на изложбата, д-р Коста Милков имаше беседа за Цветин. - Низ долгите години на неговите заложби за мир, Живко Поповски – Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 година со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025, под име „Цвеќе на мирот“ по повод „Денови на уметноста“ во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец, нагласи Милков.

Живко Поповски – Цветин потсети дека неговата мисија со „Цвеќе на мирот“ почнала пред 40 години, а досега над 70 илијади цвеќиња на мирот подарил на политичари, просветни и здравствени работници, од сите генерации.

- Да се спречат сите војни во светот. Да има мир, особено за младите генерации. Да живеат во поубав и посреќен свет, порача Цветин. Тој упати порака од Скопје - градот на солидарноста до сите држави кои поседуваат нуклеарно оружје - мир и љубов меѓу луѓето.  

null

Поетесата Лидија Лучко-Јеремиќ прочита поема по повод фрлањето атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки, а музичко-поетски перформанс имаа музичарот Никола Стојковски и актерката Арна Шијак. 

null

Живко Поповски – Цветин е роден во 1944 година во село Брезово. Тој е сликар на мирот, хуманист, поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. По професија е агроном, но неговиот животен пат го обележуаат новинарството, јавната служба и уметноста во име на мирот. 

Поповски – Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.

 Изложбата ќе биде отворена до 21 август 2025 година. мд/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан