Отворена изложбата „Велес на хартија-архитектонски портрети“
- Дваесет дела од познатиот македонски истражувач и уметник, д-р Петар Намичев, синоќа беа изложени во автентичниот амбиент на Куќата на Касапови во Велес, како дел од изложбата со наслов „Велес на хартија – архитектонски портрети“. Изложбата е селекција на цртежи со туш, инспирирани од старата велешка архитектура – фасади, сокаци, прозорци, капии и цели градски целини кои сведочат за богатото културно и градителско наследство на Велес од 19 и 20 век.
Велес, 24 септември 2025 (МИА) - Дваесет дела од познатиот македонски истражувач и уметник, д-р Петар Намичев, синоќа беа изложени во автентичниот амбиент на Куќата на Касапови во Велес, како дел од изложбата со наслов „Велес на хартија – архитектонски портрети“. Изложбата е селекција на цртежи со туш, инспирирани од старата велешка архитектура – фасади, сокаци, прозорци, капии и цели градски целини кои сведочат за богатото културно и градителско наследство на Велес од 19 и 20 век.
Изложбата ја отвори директорот на Народен Музеј Велес, Ангел Коруновски кој пред присутните информира дека оваа изложба е резултат на иницијатива на младиот тим од музејот, на Лидија Ѓоргиевска – документатор и Александра Гиовска – историчар на уметност.
- На оваа изложба ќе видите селекција од околу 20 цртежи со туш на кои е претставена старата велешка архитектура, со која авторот се сретнал уште во детството поради велешкото потекло на неговите родители. Неговата фасцинација од старите велешки куќи и сокаци резултира со истражување во 2008 година, кое подоцна, во периодот од 2008 до 2010 година, тој го пренел на околу 50 цртежи претставени на изложбата Велешка куќа, истакна Александра Гиовска – историчар на уметноста.
Пред присутните се обрати и архитектката Станка Амбаркова, долгогодишен истражувач на велешката архитектура, сега во пензија, која даде стручна перспектива за значењето на овие објекти. Таа информира дека овие стари велешки староградски куќи се од реонот на Долни Дуќани во стрмниот дел од градот.
-Проф д-р Петар Намичев и другите професори во своите дела го доловиле нашете богатство и ни порачале да се чува, потенцира Амбаркова.
Присутните имаа ретка можност на настанот да го проследат и краткиот документарен филм „Кога законот заштитува“ од прерано починатиот велешки и македонски автор Никола Гајдов. Филмот, кој трае 7 минути, досега има освоено повеќе награди, меѓу кои прва награда за аматерска режија во Битола, трето место во Лондон, како и награда „9-ти Ноември“ во Велес.
Инаку изложбата на Намичев и целиот настан во куќата на Касапови во Велес се одржа во рамки на Европските денови на културно наследство 2025 година.ад/вј/
Фото: МИА архива