• понеделник, 23 декември 2024

Отворање на третото продолжение од циклусот изложби „Париски рефлексии“

Отворање на третото продолжение од циклусот изложби „Париски рефлексии“

Скопје, 22 март 2024 (МИА) - Во галеријата Чифте амам денеска ќе биде отворено трето продолжение од циклусот изложби „Париски рефлексии“ што, во рамки на одбележување на Месецот на Франкофонијата, го организираат Францускиот институт во Скопје и Националната галерија.

Изложбата ќе претстави избор на дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој во Париз - како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“ или  преку специјализации и дополнување на образованието или, пак, на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со француската престолнина како центар на светската уметност.

-Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и останатите тогаш актуелни светски тенденции, соопштија организаторите на изложбата. 

Во оваа селекција се вклучени авторите кои се родени по 1930 година, ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20 век, а се значајни и по нивната педагошка дејност (многу од нив стануваат професори на Академијата за ликовна уметност во Скопје): Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски – Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Таки Павловски Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари). Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори).

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. Сите претставени дела, од кои повеќето се ретко изложувани, се дел од колекцијата на Галеријата.

Како што е најавено, изложбата ќе ја отворат амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, и директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими. хс/вг/

Фото: Национална галерија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан