Остра казна за сопственикот на Панатинаикос: Јанакопулос доби 10 месеци суспензија
- Бурата во грчката кошарка не стивнува. Иако Министерството за спорт даде дозвола финалната серија помеѓу Панатинаикос и Олимпијакос да продолжи, се очекуваше дека ќе видиме некои казни по вториот натпревар.
Атина, 6 јуни 2025 (МИА) - Бурата во грчката кошарка не стивнува. Иако Министерството за спорт даде дозвола финалната серија помеѓу Панатинаикос и Олимпијакос да продолжи, се очекуваше дека ќе видиме некои казни по вториот натпревар.
Димитрис Јанакопулос, сопственикот на „зелените“, помина најлошо. Спортскиот суд му забрани на првиот човек на Панатинаикос да влегува во сите спортски објекти во период од 10 месеци. Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 евра.
Да потсетиме дека пред вториот натпревар од финалната серија, Јанакопулос се конфронтираше со навивачите на Олимпијакос во „Салата на мирот и пријателството“. Откако разговараше со делегатите и поради несоодветните гестови, беше исфрлен од салата пред почетокот на натпреварот.
Ергин Атаман беше казнет со 5.000 евра, Костас Слукас 1.100, додека Матијас Лесор и Јанис Папапетро беа ослободени од обвиненијата.
Третиот натпревар од финалето на грчкото првенство ќе се игра вечерва во 20:00 часот. дс
Фото: Архива