Основците од „Св.Јоаким Крчовски“ учествуваа на „Идеатон“ за одржливо земјоделство
- Во просториите на Европската куќа во Крива Паланка се одржа училишен идеатон на тема „Одржливо земјоделство“, на кој учествуваа основците од ООУ „Св.Јоаким Крчовски“, ученици од шесто до деветто одделение.
Крива Паланка, 4 јуни 2025 (МИА) - Во просториите на Европската куќа во Крива Паланка се одржа училишен идеатон на тема „Одржливо земјоделство“, на кој учествуваа основците од ООУ „Св.Јоаким Крчовски“, ученици од шесто до деветто одделение.
Настанот се организираше како дел од проектот „Зелени агри-претприемачи на иднината“, Еразмус плус проект чија главна цел е да ги поттикне младите да развиваат иновативни и одржливи решенија во земјоделството.
-Идеатонот опфати идејни креации и размисли на учениците на тема: рационално користење вода, системи за наводнување „капка по капка“, собирање и искористување дождовница и примена на еколошки методи во агро-културата. Учениците беа мотивирани и креативни, преку тимска соработка, истражување и презентации ги разработија своите идеи и ги претставија на крајот на настанот преку модели, постери, презентации и квизови. Идеите што произлегоа од „Идеатонот“ се доказ дека младите размислуваат одговорно и визионерски кога станува збор за заштита на животната средина и еколошка одржливост. Настанот придонесе за развивање на иновативно размислување, критичка свест и претприемачки дух кај учениците, рече Габриела Стојановска од ООУ „Св.Јоаким Крчовски“, одговорен координатор на проектот „Зелени агро - претприемачи на иднината“
Посочи дека со овој „Идеатон“ учеството во проектот добива практична димензија, а учениците покажале дека се вистински агро-претприемачи на иднината.
-Одржливото земјоделство започнува со едуцирани, креативни и свесни млади, иднината е во нивни раце, рече Стојановска.
Фото: ООУ „Св.Јоаким Крчовски“