• петок, 22 ноември 2024

Османи - Селаковиќ: Економско-трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија на историско ниво

Османи - Селаковиќ: Економско-трговската размена меѓу Србија и Северна Македонија на историско ниво

Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) – Република Србија и Република Северна Македонија достигнаа историско ниво на економско- трговска размена од над една милијадра евра, која се очекува да порасне со развој на иницијативата Отворен Балкан, оцени шефот на дипломатијата на Србија Никола Селаковиќ  на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со неговиот македонски колега и домаќин Бујар Османи.

-Констатиравме со посебно задоволство дека во 2021 година нашата економско-трговска размена достигнала нешто што е историско ниво, милијарда и 120 милиони евра и со тоа го надминавме нивото на размена од периодот пред пандемијата со КОВИД -19. Нашиот извоз во Република Северна Македонија стигна до историско ниво од 815 милиони евра, но она што сакам со посебно внимание да го кажам е дека во минатата година и увозот од Северна Македонија во Република Србија е зголемен за 41,7 отсто. Нашата вкупна економска размена е зголемена за 30,4 отсто и уверени сме дека со натамошното спроведување и оживување на иницијативата Отворен Балкан кој го гледаме како голема шанса за регионот нашата трговска и економска размена ќе продолжи да расте, рече Селаковиќ.   Тој подвлече дека за Белград, иницијативата Отворен Балкан е отворена, и посакуваат во нејзините рамки да го видат целиот Западен Балкан. - Уверени сме дека откако тој ќе почне да дава сериозни и први резултати дека во тој момент ќе имаме прилика да видиме интерес и кај други кои сакаат да бидат во тимот кој победува, нагласи Селаковиќ.   Османи нагласи дека соработката со Србија на економски план е исклучителна широка, а по Германија и Обединетото Кралство е трета и се согласи дека иницијативата Отворен Балкан има голем потенцијал да придонесе за унапредување на економската соработка. -Тоа е еден од клучните приоритети и на сите регионални иницијативи без разлика дали се работи за Берлински процес или за Отворен Балкан. Да создадеме заеднички регионален пазар не како крајна цел, туку како подготвителна фаза за големиот европски пазар кон којшто сите тежнееме. Независно дали се работи за нашите економии или за големите мултинационални концерни на сите нив им е потребен интегриран пазар, олеснето движење и слободен проток. Се разбира дека нашиот став е дека тој процес треба да биде инклузивен со сите шест земји во регионот во рамноправни услови, рече шефот на македонската дипломатија. На средбата станало збор и за дијалогот меѓу Србија и Косово. Османи рече дека изразил поддршка на дијалогот со посредство на ЕУ и ги охрабрил на што поскоро затворање на сите отворени прашања во регионот и придвижување кон помирување и кон целосна европска интеграција на регионот. -Посветени сме на дијалогот како единствено прифатливо решение за кое било политичко прашање кое постои и нашата посветеност на дијалогот нема да се доведе во прашање, изјави Селаковиќ.   Тој изрази задоволство дека 17 години после склучувањето на Спогодбата помеѓу тогашната Државна заедница Србија и Црна Гора и тогашна Република Македонија за заштита на српските и црногорските национални малцинства во тогашна Република Македонија, односно македонско национално малцинство во Србија првпат одржа седница на Мешовитиот комитет за спроведување на оваа спогодба. Селаковиќ ја искористи приликата да изрази поддршка за македонското претседавање со ОБСЕ. -И Србија беше претседавач во една не така политички атрактивен момент, но сум уверен дека ова ќе биде прилика и за добра афирмација на вашата држава во рамките на Европа и пошироко, порача Селаковиќ. На средбата станало збор и за ситуацијата во Украина и регионот. -Секако разговаравме и за најновите актуелности поврзани со руската инвазија во Украина и го презентирав нашиот став дека воениот конфликт мора да престане веднаш и треба да деескалираат состојбите и да се даде шанса на дипломатијата, рече Османи. На прес-конференцијата, не беа овозможени новинарски прашања за српскиот министер, а самиот во обраќањето не го изнесе ставот на Србија во однос на кризата. Повод за посетата на Селаковиќ на Скопје беше потпишувањето на Спогодбата за отворање на културно-информативни центри на Република Северна Македонија во Белград и Република Србија во Скопје која треба да придонесе за создавање услови за зголемување и зајакнување на културната  размена и поврзаностаа меѓу граѓаните во двете земји. вг/ац/

 

Остани поврзан