• понеделник, 23 декември 2024

Османи: Рекордно ниво на размената со Бугарија, приоритет инфраструктурното поврзување

Османи: Рекордно ниво на размената со Бугарија, приоритет инфраструктурното поврзување
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) –  Северна Македонија и Бугарија бележат рекордно ниво на трговска размена, а постои уште поголем потенцијал за динамизирање на соработката во енергетиката, земјоделството, здравството...Во наредниот период мора да се посвети максимално внимание на поставените приоритети за целосното инфраструктурното поврзување на Коридорот 8, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи при денешната официјална посета на Софија. Според Османи, за инфраструктурните проекти во изминатиот период немало доволно политичка волја и не е оправдување тврдењето за тешката географија. Поставените приоритети за поврзување, според него, сега веќе се гледаат на дело со  работата на железницата, останатите планови во патната инфраструктура, договорот за гасното поврзување. -Точна е констатацијата дека инфраструктурната поврзаност Исток - Запад е запоставена низ годините и децениите наназад. Некои тоа го оправдуваат заради тешката географија. Мислам дека новите технологии не познаваат тешка географија, туку веројатно немало доволно политичка волја да се создаде инфраструктурна поврзаност, патна, железничка и дигитална во поново време, па и енергетска поврзаност, Исток-Запад, односно Црно Море со Јадранско Море, рече Османи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со неговиот бугарски колега Николај Милков. Затоа, дополни Османи, Коридорот 8 е најважниот приоритет на Владата на Северна Македонија, а претпоставувам и на Владата на Република Бугарија, што веќе се покажува на дело. Минатата недела премиерот на Бугарија беше во Северна Македонија, каде почнаа работите за железничката врска до Деве Баир. - Од друга страна, за неколку недели или месеци очекуваме да почне автопатското решение кое што ќе го поврзе Скопје со границата со Албанија, исто така и железничкиот коридор до Албанија. Значи, ќе мора во тој дел да посветиме максимално внимание и во смисла дека е во приоритетите на двете влади. Денеска разговаравме и за иницијативата осум како важна платформа којашто ќе ја зголеми конективноста од Црно Море до Јадранско Море, рече Османи. Тој истакна дека е особено задоволен што премиерите на двете држави неодамна заеднички го означија стартот на градбата на железничкиот Коридор 8, како и дека е успех неодамна потпишаниот договор со кој се овозможува од 1 јануари следната година преку Бугарија нашата држава да се снабдува со гас од повеќе извори. Според Османи, за интензитетот на трговските односи со Бугарија, говори растот на трговската размена која за првите осум месеци од годинава веќе изнесува над 710 милиони евра со тенденција да достигне над милијарда евра, што ќе биде 51 проценти зголемување во однос на 2020 година.  Тоа, посочи, ќе ја стави Бугарија на петто место на листата на Северна Македонија со земјите со кои има највисока трговска размена. Растот на трговската размена ја потенцираше и Милков истакнувајќи дека  никогаш досега не била со толку голем износ, што оцени дека е показател за посветеноста за економската соработка и инвестициските активности. Во однос на плановите на државава да купува струја од Бугарија, рече дека неговата земја работела многу активно на различни нивоа со Европската комисија. -Работевме напорно енергетскиот пакет за Западен Балкан да не вклучува само краткорочни и долгорочни мерки за зелена транзиција и енергетска ефиканост, туку и за пакет финансиски средства, кои ќе ја покријат потребата на земјите од регионот во текот на зимскиот период. Република Северна Македонија има дел од таа помош за која скромно се надеваме дека сме помогнале, посочи Милков.  Османи и Милков на средбата договориле следниот месец да организираат заеднички бизнис форум во Скопје, на кој ќе ги спојат бизнисите од двете држави со надлежни институции за дополнително да се идентификуваат предизвиците и потенцијалите за уште поголема соработка. лв/ац/

Остани поврзан