• сабота, 23 ноември 2024

Османи: Процесот за уставни измени ќе заврши успешно

Османи: Процесот за уставни измени ќе заврши успешно

Блед, 28 авгсут 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека е убеден  оти процесот за уставните измени во државава ќе заврши успешно во наредните недели и месеци. 

-Процесот е започнат, како што гледате целиот свет, и САД и ЕУ, ја поздравија одлуката да го започнеме процесот. Убеден дека овој процес ќе заврши успешно во наредните недели и месеци, изјави Османи за МИА при учеството на Бледскиот стратешки форум. 

Како што јави известувачот на МИА од Блед, Османи порача дека форумот е уште една платформа да се испрати порака дека мора да се направи посуштински исчекор за интеграцијата на Западане Балкан во ЕУ до 2030 година.

-Ова е уште една платформа каде можеме не само ние туку и земјите од Западен Балкан да се сретнат со Европската унија и да ја дадат пораката дека мора да се направи  посуштински исчекор во процесот во овој нов геополитички контекст во кој се наоѓа Европа и оти оваа декада мора да биде декада на Западен Балкан. Мислам дека пораките од сите страни се такви, дека до 2030 Западен  Балкан треба да биде дел од ЕУ, рече Османи. 

Шефот на дипломатијата во Блед имаше средба со министерот за надворешни работи на Република Кореја, Парк Џин, а очекува поголема соработка во наредниот период особено во економијата и инвестициите.

- Со Република Кореја имаме воспоставени односи од 2018 година, се уште градиме доверба  и билатерални односи. Ова беше прва средба со министерот и договривме да продолжиме со политички консултации и билатерални средби во Сеул и во Скопје и да ја прошириме одговорната рамка како основа за поголеми инвестици и економска соработка. Очекуваме во Скопје да дојдат големи компании од Република Кореја за да ги видат можностите за инвестиции, изјави Османи. ев/лв/

Остани поврзан