• петок, 22 ноември 2024

Османи: Нов конкурс за избор на генерален секретар на Советот за регионална соработка, првпат нашата држава ќе има свој кандидат

Османи: Нов конкурс за избор на генерален секретар на Советот за регионална соработка, првпат нашата држава ќе има свој кандидат

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информираше дека е донесена одлука да се објави нов конкурс за избор на генерален секретар на Советот за регионална соработка, при што за првпат нашата држава ќе има свој кандидат. Тој додаде дека ќе се поништи досегашниот процес на избор на генерален секретар, поради немање на консензус. Османи предлага и воведување на ротирачко претседавање на земјите, согласно првата буква од државата или од главниот град.

Северна Македонија претседава со Процесот за соработка на Југоисточна Европа од 1 јули 2023 година. Според Османи, ова е важно претседавање на процес, во кој што 13 земји членки од Југоисточна Европа се здружени во една платформа со цел покрај подобрување на регионалната соработка, го поттикнуваат и процесот на евроинтеграции на земјите.

-Нашето претседавање кое се води под насловот „Градиме мостови“ и е во функција на помирувањето но и регионланата сроаботка и членствотот во ЕУ, во овој период има предизвик, а тоа е изборот на генерален секретар на Советот за регионална соработка. Заради намалената доверба, несоработка меѓу земјите, повеќето регионални организации, членки чија улога е да ги имплементира одлуките кои што ги носат процесите за соработка, се уште немаат раководство, вклучувајќи ја и најважната платформа, а тоа е Советот за регионална соработка, чија што улога е да ги имплементира документите кои што произлегуваат од Берлинскиот процес, двата акциски плана на заедничкиот регионален пазар, рече Османи на денешната прес-конференција.

Затоа, напомена Османи, како претседавач на иницијативата донел одлука да се поништи досегашниот процес на конкурс за избор на генерален секретар, наследен од двете претходни претседавања на Турција и на Грција, во кој што тројца кандидати - актуелната генерална секретарка Мелинда Брегу, кандидатот од Косово и кандидатот од Словенија не успеаа да постигнат консензус по однос на избор на генерален секретар, додаде Османи.

Тој потенцира дека донеле одлука да се објави нов конкурс за избор на генерален секретар, во кој што Северна Македонија ќе има свој кандидат. Османи додаде дека овој процес го почнува денеска, со тоа што веќе испратил писмо до сите министри за надворешни работи на иницијативата на 13 земји, дека тука запира процесот на гласање и прегласување во однос на постоечките тројца кандидати.

-Досегашните резултати покажуваат дека иако имаше одредена разлика, сепак не беше доволна за да се постигне консензус по однос на еден кандидат. Затоа денеска почнуваме нов процес во кој што ние ќе имаме кандидат и се надеваме дека ќе ја добиеме поддршката на останатите земји, рече Османи.

Тој во одговор на новинарско прашање информираше дека рокот за испраќање на кандидатурите за генерален секретар на Советот за регионална соработка до Министерството за надворешни работи е до 25 март.

-Побарав кандидатите да ги достават своите CV-а до нас, до МНР, до 25 март. Ние ќе најдеме добар кандидат, дали од МНР или од општествениот живот. Сметаме дека е време Северна Македонија да раководи со голема регионална организација и ќе се бориме до крај да ја обезбедиме поддршката на сите. Веднаш после изборите планирам да го свикам Министерскиот состанок и да спроведеме гласење за избор на кандидат, рече Османи.

Тој посочи дека Мелинда Брегу беше исклучително добар генерален секретар. Таа во последните три години беше в.д. генерален секретар, а нејзиниот мандат завршува во декември оваа година, но Османи потенцираше дека не смееме да оставиме оваа важна регионална иницијатива да нема воопшто генерален секретар во услови кога регионалната соработка е многу важна.

Дополнително, напомена, за да се деблокира процесот на избор на раководители на регионалните иницијативи, како Министерство за надворешни работи предлагаат да се премине во процес на ротирачко претседавање на земјите согласно првата буква од државата или првата буква од главниот град, а првата буква да биде избрана на ждрепка.

-Бидејќи очигледно дека не може да се постигне консензус, пред се е односот Србија - Косово, кој што не дозволува постигнување на консензус по однос на еден кандидат, оттука доаѓа нашата иницијатива, да се избере прва буква, ќе се договориме дали на државата или на главниот град, а потоа ротирачки да се оди по абецеда за избор за сите раководители на овие регионални организации. Во оваа фаза мислам дека е важно да почнеме нов процес и Северна Македонија сериозно да се кандидира за позиција генерален секретар на Советот за региолнална соработка со седиште во Сараево, додаде Османи.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во јуни 1996, а цели кон продлабочување на односите и соработката меѓу земјите од регионот, развој на демократијата и економски просперитет како и негова целосна интеграција во европските и евро-атлантските структури.

Северна Македонија е членка на ПСЈИЕ од самото основање, а има претседавано со иницијативата во два наврати, 2000-2001 и 2012-2013 година. Иницијативата брои 13 членки и покрај Северна Македонија, дел од неа се и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Србија, Словенија, Турција, Хрватска и Црна Гора. бт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан