• петок, 22 ноември 2024

Османи: Да покажеме доблест и фер однос, да ја обезбедиме европската иднина на граѓаните

Османи: Да покажеме доблест и фер однос, да ја обезбедиме европската иднина на граѓаните
Скопје, 12 јануари 2022 (МИА) - Преговорите на техничко ниво ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од Министерството за надворешни работи. Тие реферираат пред Министерот за надворешни работи, но воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв, истакнува во реакцијата министерот за надворешни работи Бујар Османи на ставот на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров дека не верува во Османи бидејќи, според него, тој преговара со Бугарија по секоја цена. - Во истата насока, за важните стратешки прашања во Владата секогаш се формира Работна група - највисоко политичко тело кое по правило го предводи Премиерот, и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава, кои Владата и Министерството за надворешни работи ги застапува при разговорите со своите колеги. Ова не се однесува само на сегашните разговори за надминување на отворените прашања со Република Бугарија, туку за етаблирана пракса која беше применета и при создавањето на Договорот од Преспа – чии успех има колективна заслуга: од дипломатите во Министерството за надворешни работи, преку работната група во Владата, па сѐ до сѐ уште актуелниот премиер, што е повеќепати потврдено практично од сите меѓународни пријатели на земјата, вели Османи во реакцијата на својот фејсбук-профил. Тој посочува дека и неговите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои, вели, како Влада активно ги застапуваме, и тоа: и кога заеднички ги градевме државните интереси при создавањето на Договорот од Преспа; и кога заеднички го создававме Договорот за пријателство со Бугарија; а и сега, кога повторно разговараме за надминување на разликите со нашите соседи. - Пред нас во формирање е еден нов политички моментум создаден преку новите мандати на Владите во двете земји. Граѓаните очекуваат од нас да ја искористиме оваа нова политичка иницијатива за да ја зајакнеме довербата меѓу двете Влади и меѓу двете држави. За оваа и јас лично, но и Министерството за надворешни работи, е во постојана комуникација и со Работната група во Владата, и со актуелниот Премиер, а консултациите правиме и со новиот Мандатар кој очекуваме наскоро да ја преземе функцијата. Резултат на оваа активност е веќе договорената посета на високата владина делегација предводена од Премиерот Петков на Скопје на 18 јануари, а во постојана комуникација со нашите колеги од Бугарија, веќе работиме да постигнеме согласност за одржување и на заедничка седница на двете Влади само една недела подоцна, или на 25 јануари. Од успехот на овие посети, потенцира Османи,  ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех, наведува, ги смета за непродуктивни и нефер. -Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме, апелира министерот за надворешни работи Османи.фф/вг/

Остани поврзан