• понеделник, 23 декември 2024

Османи - Валтонен: Поддршка од Финска за евроинтеграцијата на Северна Македонија

Османи - Валтонен: Поддршка од Финска за евроинтеграцијата на Северна Македонија

Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска, во рамки на официјалната посета на Република Финска, оствари средба со финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен, на која се искажани заемни заложби за унапредување на билатералните односи и соработка помеѓу двете земји, кои оваа година одбележуваат 30-годишен јубилеј од воспоставувањето на дипломатските односи, соопштија од МНР.

- Во денешната нарушена безбедносна архитектура, свесни сме за различните предизвици со кои се соочуваме и само со заедничка работа може да ги надминеме, а ОБСЕ е еден важен сегмент во оваа насока, истакна Османи во својство на претседавач со ОБСЕ. 

Упатувајќи честитки за претседавањето на Финска со ОБСЕ во 2025 година, подвлече дека приоритет и заеднички интерес на сите земји учеснички на ОБСЕ е да се постигне консензус околу изборот на претседавач за 2024 година. 

Османи, како што се посочува во соопшението од МНР, изрази благодарност за конзистентната поддршка од Хелсинки за нашиот пристапен процес во ЕУ и ја нагласи потребата од промена на пристапот согласно концептот „Повеќе интеграција пред ЕУ членство“.

Поздравувајќи го членството на Финска како 31-ва НАТО членка, Османи повтори дека остануваме посветени на одржувањето на силни партнерски односи.

- Со приклучувањето кон алијансата, Финска придонесува во заштитата на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, оцени министерот.

Министерката Валтонен ја реафирмирала финската поддршка за евроинтегративниот процес на нашата земја и оддала признание дека Северна Македонија постигна висок степен на исполнување на европската реформска агенда.

- Финска има долгогодишен силен интерес за Западен Балкан и ги поддржува своите партнери од Западен Балкан во исполнување на нивните евроинтеграциони стремежи. Проширувањето е важна долгорочна политика на Унијата и евро-интеграцијата е висок приоритет, истакнала финската министерка, соопштија од МНР.

Во рамки на посетата, министерот Османи оствари средба и со спикерот на финскиот Парламент Јуси Кристиан Хала-ахо, со кого размениле мислења за нашата ЕУ агенда, нашето ОБСЕ претседавање со фокус на фукционалноста, како и унапредувањето на парламентарната соработка. цр/са/

Фото:МНР

 

Остани поврзан