• петок, 05 декември 2025

Османи: Бит Пазар е срцето на економијата на Чаир, ќе му го вратиме достоинството

Османи: Бит Пазар е срцето на економијата на Чаир, ќе му го вратиме достоинството

Скопје, 4 септември 2025 (МИА) - Кандидатот на Националната алијанса за интеграција предводена од Демократската унија за интеграција за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи од Бит Пазар најави конкретен план за интеграција на оваа економска и културна зона, заедно со Старата скопска чаршија и за негово претворање во туристичка атракција.

-Јас сум овде, во зоната меѓу Чаршијата на Скопје и Бит Пазарот. Секогаш сме зборувале дека најголемиот капитал на Чаир е Чаршијата. Но, не смееме да го заборавиме Бит Пазар, како најдинамичниот дел, срцето на економијата на Чаир, каде голем број луѓе го обезбедуваат својот леб. Тој е и една од најголемите атракции на нашата општина и токму по него се идентификува Чаир. Во изминатите денови поминував и дење и ноќе низ оваа зона. Ноќе не видов ниту едно улично светло, ниту една светилка околу Бит Пазар и театарот на Скопје, институција со 75-годишна историја. Наместо тоа, видов бездомни кучиња кои ги плашеа луѓето и возила што ги узурпираат улиците. Едноставно, ова не може да биде Пазарот со кој се идентификува Чаир, нагласи тој.

Османи воедно го претстави неговиот план за интервенции во Бит Пазар и Чаршијата.

-Ќе го регулираме осветлувањето во сите делови на Бит Пазар. Ќе го решиме прашањето со паркинзите. Ќе посредуваме меѓу сопственикот и луѓето што продаваат тука, за да се обезбедат подобри услови – покриви и чиста средина, без ѓубре по улиците. Општината ќе формира посебно комунално претпријатие со 120 вработени, кои секое утро и секоја вечер ќе обезбедуваат хигиена и ред во Бит Пазар. Мојата задача е да го вратам достоинството на оваа зона – не само на луѓето што работат тука, туку и на оние што доаѓаат да купуваат и на туристите. Секоја година низ Чаршијата поминуваат околу 100.000 турски туристи. Денес ги прашав продавачите овде колку од нив влегуваат во Бит Пазар. Ми рекоа: нула. Затоа што нема услови тие да влезат со достоинство и да го почувствуваат пазарот онака како што ја чувствуваат Чаршијата, рече Османи.

Османи нагласи дека албанската коалиција предводена од ДУИ на локалните избори очекува историски резултат.

-Очекуваме да добиеме некаде околу 150 илјади гласови, како НАИ, и само околу 50-60 илјади за ВРЕДИ. За мене е важно што Националната алијанса за интеграција ќе биде втора сила со најмногу гласови во државата. Оваа држава треба да биде во партнерство меѓу двете најголеми заедници, албанската и македонската, почитувајќи ги правата на сите малцинства, порача Османи.

Тој нагласи дека овие избори имаат клучно политичко значење и ќе ги дефинираат новите односи на сила меѓу етничките и политичките блокови во државата. Според него, најважно е граѓаните јасно да ја искажат својата волја на 19 октомври.

-Овие избори ќе покажат дека имате еден победник кај македонскиот блок и вториот ќе биде НАИ, додека ВРЕДИ ќе биде 5-та или 6-та,“ рече Османи, додавајќи дека „важно е јавното мислење да се подели на овој начин на изборите, рече Османи.фф/са/

Фото: Тим на Бујар Османи

Остани поврзан