• понеделник, 23 декември 2024

Османи - Алијев: ОБСЕ ќе поддржи решенија кои ја подобруваат состојбата на населението погодено од конфликти

Османи - Алијев: ОБСЕ ќе поддржи решенија кои ја подобруваат состојбата на населението погодено од конфликти

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Статусот на дијалогот помеѓу Азербејџан и Ерменија беше главна тема на денешната средба на претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев. 

-Сметам дека ситуацијата овозможува конструктивно ангажирање низ различните меѓународни и билатерални платформи за да се дојде до мирно решение и да се постигне мировен договор кој ќе биде прифатлив за сите, а со тоа да биде и одржлив, истакна Османи на средбата со Алијев. 

Тој посочи дека ќе продолжи со ваков избалансиран пристап. - ОБСЕ, со сите свои предизвици со кои се соочува, сè уште претставува форум кој е вистински заинтересиран да види мир во овој клучен регион, додаде Османи. 

Претседавачот Османи истана дека преку постоечки и идни активности, ОБСЕ ќе поддржи решенија кои придонесуваат за стабилноста и безбедноста и кои ја подобруваат состојбата на населението погодено од конфликти.

Посебно бев заинтересиран да слушнам за прашањето на интеграцијата на Ерменците во Азербејџан и како по долги години конфликти и тензии може повторно да се воспостави стабилност и доверба, рече Османи.

Тој побара поддршка од Азербејџан, како долгогодишен партнер на ОБСЕ, за решавањето на најитните прашања на Организацијата и на тој начин подобро справување со безбедносните предизвици што го засегаат Јужен Кавказ, но и поширокиот ОБСЕ регион.

Како што информираат од МНР, Османи денеска ќе има и средби со министерот за надворешни работи, Џејхун Бајрамов и со претседателката на Националното Собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова. дма/са/

Фото: МНР

 

Остани поврзан