• четврток, 26 март 2026

Осветена новата црква „Свети Никола“ во Лешок

Осветена новата црква „Свети Никола“ во Лешок

Тетово, 20 јули 2025 (МИА) - Во Лешок денеска беше осветена новоизградената црква „Свети Никола“. Осветувањето го изврши митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на поранешниот митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф и други свештеници, по што се отслужи и првата света архијерејска литургија.

-Драги браќа и сестри, ние денес се собравме во прекрасниот Лешок опеан и во песните, за да го осветиме овој нов свет храм посветен на светиот Никола. Овој чин сам по себе претставува големо духовно торжество. Денешниот ден е вистински празник за секој еден човек во Лешок. Радоста кога човек ќе го погледне овој веќе осветен храм е навистина голема, а голема е затоа што Бог го благослови ова дело по вашиот труд и молитви. Овој храм почитувани, веќе со чинот на денешното осветување е дом Господов, дом за молитва и како таков претставува „парче небо на земјата“, во кое сите ние „оскребени и обременети“ од животните грижи со влегувањето во него и со молитва кон св. Никола, патронот на овој храм, повторно и секогаш ќе ја враќаме утехата, верата, надежта и љубовта во нашите срца, истакна г. Јосиф.

Во мај годинава заврши изработката на иконостасот во овој црковен храм што почна да се возобновува во 2010 година на основа на стари темели. Иконостасот е работен од Никола Николоски и Пеце Стојкоски од Прилеп, додека фрескоживописот е на Марија Степаноска. 

Оваа црква е единствената во Лешок надвор од манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ и „Света Богородица“. Како патронен празник се чествува 19 декември Свети Никола зимски. ас/мч/

фото Тетовско-гостиварска епархија 

Остани поврзан