• четврток, 26 март 2026

Ортагус: Либан сè уште има многу да направи во разоружувањето на Хезболах

Ортагус: Либан сè уште има многу да направи во разоружувањето на Хезболах

Доха, 20 мај 2025 (МИА) - Либан сè уште има „многу да направи“ за да го разоружа Хезболах, како што е предвидено во договорот за примирје меѓу шиитското движење и Израел, изјави денеска во Доха заменик-претставничката на САД за Блискиот Исток, Морган Ортагус.

Либанските власти „направија повеќе во последните шест месеци отколку веројатно во последните 15 години“, рече таа како одговор на прашање за разоружување на проиранската група на Катарскиот економски форум.

„Меѓутоа, сè уште има многу да се направи“, додаде американската претставничка.

Проиранскиот Хезболах, единствената фракција што го задржа своето оружје по граѓанската војна во Либан (1975-1990), беше ослабен кон крајот на 2024 година по повеќе од една година непријателства со Израел, вклучително и два месеци отворен конфликт, предизвикан од војната во Појасот Газа.

Спогодбата за прекин на огнот склучена на 27 ноември предвидува отстранување на воената инфраструктура меѓу реката Литани и израелската граница, како и целосно повлекување на израелските сили.

Сепак, израелската војска ги задржа своите позиции на неколку јужни позиции во Либан и продолжи да извршува смртоносни напади во земјата, тврдејќи дека целта е Хезболах. 

Либанскиот претседател Џозеф Аун кон крајот на април изјави дека армијата сега контролира повеќе од 85 проценти од југот на земјата.

„САД повикаа на целосно разоружување на Хезболах. И тоа не значи само јужно од реката Литани. Тоа значи низ целата земја“, рече Морган Ортагус и ги повика либанските власти да донесат одлука во таа насока. рп/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан