• вторник, 24 декември 2024

Организаторите на Парк фестивал: За четиридневна програма добивме 2,5 илјади евра

Организаторите на Парк фестивал: За четиридневна програма добивме 2,5 илјади евра

Гостивар, 11 февруари 2023 (МИА) - Организаторите на манифестацијата Парк Фестивал од Гостивар искажуваат незадоволство од исходот на конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти. Организирањето на петтото издание ова лето е неизвесно заради, како што наведуваат, недостиг од финансиски средства.

- Буџетот што го одвои Министерството за култура на Република Северна Македонија за петтото издание на овој фестивал, освен што е целосно недоволен за организација и реализација на фестивал од ваков обем, во исто време е морално потценување како за тимот, така и за пошироката публика, наведуваат од организацискиот одбро на парк Фестивал и дополнуваат дека споредно со претходната година сега добиле износ за 14 пати помал.

Тие апелираат до јавноста и до институциите да влијаат и да придонесат за да се преиспита одлуката, која според нив е неправда или несакан пропуст.

Изминативе четири години Парк фестивал ја добиваше поддршката од Министерството за култура, а институцијата воедно беше и најголемиот финансиер. Годинава за петтото издание, поддршката ќе изнесува 153 илјади денари.

- Не сакаме да веруваме дека поради слични причини на граѓаните и особено на младите гостиварци треба да им се скрши надежта и довербата во институциите. Се надеваме дека оваа одлука и овој пропуст нема да се додаде на долгата листа на изговори на нашата младина, за бегство и напуштање на државата, наведуваат од Парк фестивал.

Манифестацијата покрај концертни настапи на артисти од регионот има мултиетнички карактер кој е изразен во дополнителните активности кои се одвиваат за време на одржување на фестивалот. Местото на одржување е големиот парк на брегот на Вардар и во летниот период е централен културно уметнички настан. згм/лв/

 

Остани поврзан