• четврток, 04 декември 2025
Општински пул

22 октомври 2025 

Битола - Од денеска на сообраќајниот влез во Битола од страната на Прилеп поставен е времен кружен тек.

Од Јавното претријатие за паркинзи од Битола информираа дека е поставена нова времена хоризонтална сигнализација и нов кружен тек на булеварскиот влез во Битола и апелираат внимателно возење од страна на возачите.

Новиот времен кружен тек е во непосредна близина на фудбалскиот стадион во Горно Оризари и е со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот во период кога интензивно се гради булеварскиот влез во Битола од северната страна на градот, односно од Прилеп.

Штип - Пет лица се повредени во сообраќајната несреќа, која утринава се случи кај штипската населба Три чешми.

Од Клиничка болница Штип информираат дека повредените не се во животозагрозувачка состојба, а од нив две лица се на Одделението за ортопедија, а три се на Хирургија.

Во тек се испитувањата и снимањата на пациентите. Несреќата се случи по 7 часот меѓу камион и автомобил.

Прилеп - Повеќе од 10 лица синоќа и утрово се приведени во прилепската полиција за случајот со  Општата болница во Прилеп во која финансиската полиција вршеше контрола за работењето во оваа институција. Во текот на денов приведените треба да бидат спроведени во Судот во Прилеп.

Управата за финансиска полиција вчера постапи по наредби и насоки на Основното јавно обвинителство од Прилеп. Во текот на вчерашниот ден се презедоа дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работата на прилепската болница.

Според Основното јавно обвинителство, од април годинава, се постапуваше во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, а поврзано со финансиското работење на болницата. Дејства преземаше Управата за финансиска полиција и тогаш беше извршен претрес на осум локации во Прилеп.

Набрзо по стапувањето на функцијата, лани 2024 година, сегашниот директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“, Кире Јоноски,  во повеќе наврати на прес-конференција изјави дека биле забележани неправилности во финансиското работење на Болницата и дека болницата ја наследил со долг од речиси 193 милиони денари.

Во текот на денот се очекуваат информации за случајот од Основното јавно обвинителство во Прилеп. 

Гевгелијa - Синоќа во хотелот „Аполонија“ се одржа концерт посветен на композиторот професор д-р Томе Манчев, во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“. На концертот беше изведен дел од творечкиот опус за камерни ансамбли и солистички дела на композиторот со што неговиот роден град Гевгелија му оддаде почит.

На концертот беа изведени делата: „Санаториумска балада“ циклус за глас и пијано (1974/5, текст: Матеја Матевски), Соната „Ламентозо“ за виолина и пијано (1989), „Два става“ за виолончело и пијано (1976), „ДД...“ за соло флејта (2002), „Монолог и Дијалог“ за соло фагот (2002/3) и „Интрада и капричо“ за сопран, виолина, виолончело, кларинет и пијано (1998/9).

-Преку овие дела се претставија двете творечки фази на композиторот и со мал фрагмент се пренесе дел од исклучителната музика на професор д-р Томе Манчев, се наведува во информацијата.

Инаку, Томе Манчев е роден во Гевгелија во 1950 година, а починал 2020 година во Скопје.

Модератор на концертот беше Стефанија Лешкова Заленковска – музиколог, а настапија Ангела Андовска – сопран, Горан Начевски – баритон, Јана Каевска – флејта, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот, Мартин Димитров – виолина, Маја Михајловска – виолончело, Елена Атанасовска Ивановска и Ивона Базгалоска – пиjано.

Битола - Ансамблот  „Консонанс“ , основан во 2007 година во кој членуваат инструменталисти од Филхармонијата, вечер во битолскиот Офицерски дом ќе приреди концерт.

Македонските уметници, музачари посветени се на камерната музика истражувајќи ги можностите на дрвените дувачки инструменти, односно флејта, кларинет, англиски рог и  бас кларинет.

Во ансамблот членуваат Здравко Ангелов - кларинет, Маја Чанаќевиќ - англиски рог, Сашко Темелкоски - бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта како и композиторот и акордионист Дарко Илиевски кои ќе изведат дека од Иванов, Цанев и Илиевски.

Ансалблот „Консонанс“ освен во земјава настапувале и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска и САД.

Кочани - Во ЈОУ Библиотека „Искра" во Кочани, денеска во 17 часот, ќе се одржи промоција на петтата книга на роднокрајниот автор, Атанас Георгиев, „Три во едно" или „Каде лежи зајакот", информираат од кочанската Јавна оштинска установа.

Промотори се Иван Котев и Славица Цветкова, а издавач печатницата „Европа 92“. 

Остани поврзан