• четврток, 26 март 2026

Општина Ѓорче Петров со нов специјализиран камион за интервенции на терен

Општина Ѓорче Петров со нов специјализиран камион за интервенции на терен

28 јули 2025

Во функција на подобрување на јавната хигиена, ефикасно справување со еколошки предизвици и брза реакција на терен, Општина Ѓорче Петров денес, во присуство на министерот за локална самоуправа г. Златко Перински, официјално го презентираше новиот специјализиран камион за отстранување отпад и санација на критични точки долж реката Лепенец.

Настанот ја означи завршницата на прекуграничниот проект „Паметен систем за рано предупредување на поплави и следење на отпадот во сливот на реката Лепенец“, финансиран од Европската Унија преку ИПА II програмата.

Како дел од овој проект, покрај специјализираното возило, Општина Ѓорче Петров доби и современа опрема и технолошки решенија за рана детекција и мониторинг, вклучувајќи:

2 паметни камери со сензори, кои во реално време детектираат нелегално фрлање отпад;
Сензор за следење на водостојот, кој овозможува навремено предупредување од поплави;
2 дрона за аеронадзор, кои се користат за следење на ризични подрачја и контрола на отпадот.
Возилото е наменето за интервенции во кризни услови, отстранување диви депонии и пристап до тешко достапни терени, што претставува сериозен чекор напред во зајакнувањето на теренската подготвеност и оперативните капацитети на општинските служби.

Министерот Перински, во рамки на посетата, оствари информативен разговор со градоначалникот Александар Стојкоски, при што заеднички беа разгледани натамошни можности за развој на општинската инфраструктура и продлабочување на соработката со меѓународни партнери.

„Ова возило е резултат на одлична меѓуопштинска и регионална координација и претставува заокружување на значаен проект со директна корист за граѓаните. Нашата општина продолжува со заложбата за еколошки поодговорно, поефикасно и побезбедно општинско функционирање,“ – изјави градоначалникот Стојкоски.

 Проектот беше реализиран преку заедничко партнерство со неколку институции, предводени од Општина Хани и Елезит од Република Косово, која воедно ја имаше улогата на водечки партнер. Од македонска страна, во имплементацијата активно учествуваше и Дирекцијата за заштита и спасување, како и Меѓународниот институт за развој и истражување „Д-р Југослав Ачковски“ од Скопје, кој даде значаен придонес во делот на стручната анализа и техничката подготовка на проектните активности.

Како краен корисник на проектот се јавува Општина Ѓорче Петров, чии општински служби се целосно вклучени во процесот и веќе поминаа обука за користење на специјализираната опрема и современите системи за мониторинг, што се набавија преку проектот.

Општина Ѓорче Петров

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан