• понеделник, 23 декември 2024

Општина Чашка одбележа 79 години од Февруарскиот поход

Општина Чашка одбележа 79 години од Февруарскиот поход

Велес, 17 февруари 2023 (МИА) - Претставници на Општина Чашка и градоначалникот  Горан Стојановски, заедно со претседателот на СБМ од НОАВМ, стогодишниот д-р Никола Стојановски и самиот учесник во НОВ, членови на Сојузот на борци, граѓани и здруженија, во месноста Камила кај селото Извор, Општина Чашка се поклонија и положија цвеќе пред споменикот на загинатите борци од Народноослободителната војна посветен на учесниците на Богомилскиот поход, кој е дел од историскиот Февруарски поход од 31 јануари до 14 февруари 1944 година. Пред точно 79 години во негова близина биле убиени повеќе борци учесници во Февруарскиот поход.

Споменикот се наоѓа во непосредна близина на селото Извор покрај стариот пат Велес-Прилеп. Автор на споменикот е Зоран Грабуловски. За жал последниве години кратци го извадија металниот дел од споменикот кој претставуваше три големи фигури на партизани, а моментално е оставен само камениот дел на споменикот со натпис „Вие хероите на славната богомилска епопеја во нерамната борба со фашистичкиот окупатор ги дадовте своите животи за среќната иднина на нашите млади поколенија“, стои испишано на еден камен блок од споменикот.

Како што потенцира градоначалникот Горан Стојановски, денешното одбележување го посветуваат и на нивните сограѓани кои ја поминале голготата на Февруарскиот поход.

-Има датуми и настани од времето на Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија што останаа живо да раскажуваат за едно преломно време и нивната светлина не згаснува, тие трајно го чуваат споменот за човечкиот непокор. Еден од тие светли датуми е 79-годишнината од Февруарскиот поход. Да се потсетиме на херојските подвизи на борците, нивната издржливост и нивната верба за посветлна иднина, потенцира градоначалникот Стојановски.
На одбележувањето на годишнината пред споменикот, ученици од Основното училиште „Петар Поп Арсов" од Општина Чашка настапија со свои рецитали по повод Февруарскиот поход.

Во македонската историја за Февруарскиот поход стои запишано дека неговата цел била да се разгори вооруженото востание во централниот и источниот дел на Македонија. За таа цел биле формирани три ударни групи од постоечките вооружени единици.

Како што пишува во книгата „По патеките на слободата“ од велешкиот историчар Слободан Ников, борците од Првата македонска ударна бригада од 31 јануари до 14 февруари 1944 година тргнувајќи од Караџова до Азот низ деноноќни борби со окупаторот во текот на Втората светска војна изминале долг и тежок пат од 300 километри низ студ, снег и многу  борби. Во текот на тешките борби што ги водела бригадата на просторот на Азот во крајно тешки зимски временски услови, дел од борците кои биле ранети во борбите или залутани во снегот, неможејќи да воспостават врска со главнината на својата Единица биле заробени од непријателот. Потоа овие заробени борци биле доведени во непосредна близина на месноста Камила кај Извор и биле ѕверски мачени и на крај убиени од фашистичкиот окупатор, пишува историчарот Ников. ад/дма/

 

 

 

Остани поврзан