Општина Центар поставува фотоволтаични панели во училиштето „Св. Кирил и Методиј“
- Во Основното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во општина Центар денеска почна поставување фотоволтаични панели на покривот.
Скопје, 13 септември 2025 (МИА) - Во Основното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во општина Центар денеска почна поставување фотоволтаични панели на покривот.
Градоначалникот Горан Герасимовски утрово го посетил училиштето и, како што наведува Општината во соопштение, им посакал успешна работа на екипите задолжени за инсталацијата.

-Денеска сме во училиштето „Св. Кирил и Методиј“ каде што ги поставуваме фотоволтаичните панели на нашите кровови. По завршување на поставување на фотоволтаични панели на училиштето „Киро Глигоров“, сега продолжуваме и во другите училишта. Општина Центар е енергетски независна општина, општина којашто е прва и има основано претпријатие за производство и продажба на електрична енергија „Енергија Центар“. Продолжуваме да го користиме сонцето и преку обновливи извори на енергија да ги задоволуваме потребите за струја во нашите училишта и со тоа ги намалуваме сметките на самите училишта, истакнува Герасимовски.
Општина Центар наведува дека со поставувањето фотоволтаични панели во училиштата „се обезбедуваат подобри услови за наставниот процес, се поттикнува еколошката свест кај младите генерации и се создава пример што може да го следат други институции“. хс/лв/
Фото: Општина Центар