• сабота, 23 ноември 2024

Инспекциски надзори во угостителски објекти, извршено мерење на бучава во „Мош“ и „Интермецо“

Инспекциски надзори во угостителски објекти, извршено мерење на бучава во „Мош“ и „Интермецо“

Скопје, 4 август 2023 (МИА) - Општина Центар информира дека минатата недела е извршено мерење на бучава во угостителските објекти  Мош и Интермецо, по што се спроведени инспекциски постапки со платен налог за глоба за сторен прекршок согласно Законот за заштита од бучава во животна средина. Правните лица можат да платат половина од казната во рок од осум дена. 

-По извршените мерења на бучава, овластената лабораторија за животна средина ги достави извештаите од мерењата, врз основа на кои се спроведени инспекциски постапки, со платен налог за глоба за сторен прекршок согласно Законот за заштита од бучава во животна средина, соопштија од Општината.

Оттаму посочуваат доколку не се платат казните во висина 13.000 евра, овластениот инспектор ќе достави барања за поведување прекршочна постапка пред Основен суд, Оддел за прекршоци.

Акцијата за мерење на бучавата се организираше од страна на Секторот за инспекциски работи со овластена лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ Скопје, по пријави од граѓани за зголемена бучава од гласна музика од угостителските објекти.

Како што информираат општинските власти, акциите биле спроведени на цела територија на Општина Центар, при што беа поминати клучните точки, односно локалите за кои што редовно има пријави од граѓани, конкретно во населените места Дебар маало, Буњаковец, Центар и Капиштец.

-Општина Центар постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што во неколку наврати досега има изречено казни за бучава. Општина Центар повторно апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина, се вели во соопштението на Општината. бт/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан