Општина Маврово и Ростуше се збратими со косовската општина Драгаш
- На свечената седница по повод Денот на општина Драгаш, Косово, оваа и општина Маврово и Ростуше потпишаа меморандум за збратимување
Дебар, 13 јуни 2025 (МИА) - На свечената седница по повод Денот на општина Драгаш, Косово, оваа и општина Маврово и Ростуше потпишаа меморандум за збратимување.
-Потпишавме меморандум за збратимување помеѓу нашите две општини, со кој ќе се продлабочат нашите односи во сите области на нашето функционирање, информираше Медат Куртовски, градоначалник на општина Маврово и Ростуше.

Куртовски ја предводеше општинската делегација, во чиј состав беа претседателката на советот на општината, Теута Мирто и заменик градоначалникот Кенан Елези.
-Општина Драгаш е наша соседна општина во делот кон Република Косово и веруваме дека ова ќе биде уште еден поттик за подобра соработка во иднина. Веруваме дека ова наше збратимување ќе придонесе до побрзо отпочнување на асфалтирање на патот кој води преку Стрезимир од наша страна, бидејќи од косовска патот е асфалтиран, како и отворање и ова лето на граничниот премин Стрезимир - Рестилица, посочи тој.
Оствариле и работна средба со градоначалникот на општина Драгаш, Беџет Џеладини, на која присуствувале и претседателката на советот на општината, Аријета Ќафлеши-Скерај, директорот на канцеларијата за малцинства Узаир Хамза и замениците градоначалници Ресул Фетаху и Фејсал Халиловиќ.
Делегација на општина Драгаш во посета на општина Маврово и Ростуше беше на почетокот на минатиот месец, кога беше договорено да почне постапката за збратимување. вт/дма/
Фото: Општина Маврово и Ростуше