Општина Куманово ќе изврши интервентна санација на мостот на Пчиња
- Општина Куманово и Јавното претпријатие за државни патишта разговараат за санација на мостот на реката Пчиња, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски на последната седница на Советот. Мостот е во исклучително лоша состојба, за која со години алармираат жителите на Пчиња, стравувајќи дека ќе останат отсечени од Куманово.

Куманово, 17 јули 2025 (МИА) - Општина Куманово и Јавното претпријатие за државни патишта разговараат за санација на мостот на реката Пчиња, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски на последната седница на Советот. Мостот е во исклучително лоша состојба, за која со години алармираат жителите на Пчиња, стравувајќи дека ќе останат отсечени од Куманово.
Димитриевски потсети дека изминатите години изработиле проект за санација и тогаш надлежните процениле дека ќе чини околу два милиони евра, пари кои општината не може да ги обезбеди. Проблем е и сопственоста. Мостот бил изграден во средината на шеесеттите години од тогашната југословенска армија.
-До 2015 година сопственоста на овој мост не е познато дали е на општината или на државата. Во 2015 кога е правена последната категоризација, мостот требало да припаѓа на државата, бидејќи е на трасата на патот Пчиња-Винце. Со оглед на одличните односи со надлежните од ЈПДП, седнавме и разговараме заеднички да учествуваме во санацијата, рече Димитриевски.
Според последните проценки на градежниот факултет за интервентна санација се потребни од 200 до 300.000 евра.
Мостот е траса од регионално значење и го поврзува Куманово со соседната Општина Петровец. Столбовите на мостот видно се оштетуваат при обилни врнежите од дожд. Жителите на Пчиња во неколку наврати реагираа за мостот, стравувајќи да нè останат отсечени не само тие, туку и жителите на соседните села. ам/дма/
Фото: МИА, Еко Пчиња