• среда, 08 мај 2024

Општина Куманово не отстапува од условите за избор на превозници

Општина Куманово не отстапува од условите за избор на превозници
Куманово, 17 март 2022 (МИА) - Општина Куманово преку соопштение денеска ја информираше јавноста за постапката за избор на превозници за градскиот линиски превоз. Според соопштението, општината нема да отстапи од барањата за исполнување на екостандарди на автобусите, детален возен ред. Општината ги повика родителите да пријават во секторите за образование и инспекција, доколку некои од училиштата не организирале превоз за учениците и најави дека ќе ги субвенционира трошоците на родителите за овој период за превоз на учениците.
За утрешниот протест на превозниците општината вели дека тоа е уставно загарантирано право, но дека нема да отстапи од условите.
Во соопштението општината потсетува дека договорите на превозниците важеле од 2016 до 31 декември 2021 година. Во ноември, лани Советот донел одлука на барање на граѓаните да бидат воведени нови линии, за што бил распишан оглас. Меѓу критериумите е изведувачите да имаат еколошки возила Еуро 4 стандарди, да имаат чести и поаѓања и враќања на избраната линија од вкупно 26-те на подрачјето на Куманово. - Формирана е седумчлена комисија во рамки на Општина Куманово за спроведување на јавниот оглас и целата постапка, јавното отворање на понудите е спроведено во присуство на компаниите понудувачи и тоа: ДСТУ „ЈОЦО – ТУРС“ МС ДОО Куманово“, ДППТ „ШТУЗ“ – ПАТНИЧКИ ДООЕЛ Куманово, ДПТТУ „ДЕЛУКС ТУРС“ ДОО Куманово, ДППУ „ДАРО КОМПАНИ“ ДООЕЛ Куманово, ДППТУ „ОЛИ – ТРАВЕЛ“ ДООЕЛ Куманово, ДТУТУ „АЛЕКС ТУРС ДООЕЛ“ и ДППТУ „Н&М – ТРАВЕЛ“ ДООЕЛ Куманово, а понудувачите доставија понуди за вкупно 21 линија од вкупно 26 линии, наведува општината. Оттаму додаваат дека е извршена евалуација и избрани се понудувачи за 19 линии, за две, понудувачите не доставиле комплетна документација, за пет немало ниту една понуда. Тројца понудувачи за четири линии доставиле жалби до второстепена комисија, која ги уважиа и ја вратила постапката на повторно разгледување и утврдување на фактичката состојба. Од општината потсетуваат дека издадени се лиценци и решенија за 15 линии кои се на сила и треба да ги почитуваат и возниот ред и стандардите на возилата со кои вршат превоз. И на повторениот оглас за петте лини не се јавил ниту еден понудувач. - Општина Куманово има обврска да го уреди јавниот градски превоз водејќи се првенствено од интересот на граѓаните со цел да добијат поквалитетна и поредовна услуга, при што беше донесена нова одлука на Советот на Општина Куманово со која се направија нови пакети на линии, најголем дел од нив беа групирани и во следниот период согласно законот повторно ќе бидат објавени на јавен оглас и за истите ќе следи целосно нова постапка. Општина Куманово при предлагањето на ваква одлука се водеше и од препораката на Владата на РСМ донесена во пакетот мерки за заштита на животниот стандард на 24-та седница одржана на 09.03.2022 година, со која се препорачува на општините да го реорганизираат јавниот превоз за да биде достапен во корист на сите граѓани, наведуваат од општината. Што се однесува до превозот на ученици, за кој веќе има реакции од родителите од приградските населби, општината вели дека за 15-те линии кои функционираат превозниците имаат обврска да ги возат учениците, а за останатите самите училишта како посебни правни субјекти требало да спроведат постапка за избор на превозници. Општината ќе спроведе контрола за начинот, регуларноста и условите на вршење на оваа услуга за превоз на ученици. Општината ги повика родителите доколку има проблеми да пријават во секторите за образование и инспекциски надзор на на телефон 031 422 641 локал 106, секој ден од понеделник до петок од 8:30 до 15:00 часот. - На ден 14.03.2022 и 15.03.2022 година од страна на инспекторите за сообраќај при Општина Куманово е извршен редовен инспекциски надзор на сите линии за коишто Општина Куманово има склучено договори со даватели на услуги. Со оваа инспекциска контрола се утврдени голем број на неправилности и нерегуларности т.е. компаниите даватели на услугите не го почитуваат договорот којшто е склучен со Општината, а со тоа и не обезбедуваат соодветна услуга на крајните корисници – граѓаните на Општина Куманово, за што е во тек постапка од страна на надлежниот инспекторат и за чии исход ќе бидат дополнително информирани и превозниците и јавноста, наведуваат од општината. Од општината велат дека Куманово со години се соочува со како што пишуваат, голем број на проблеми и пропусти во јавниот превоз. За да ги елиминира неправилностите, нагласуваат дека ќе работат исклучиво согласно законот и ќе инсистираат давателите на овие јавни услуги во целост да се придржуваат до договорите коишто ќе ги склучат. Од општината најавија дека ќе продолжат со спроведување на постапка за избор на компании даватели на јавни услуги, со цел да обезбедат јавен превоз на сите линии, согласно одлуката на Советот на Општина Куманово којашто е на сила. Општината во соопштението жали што граѓаните имаат проблеми со превозот, заради, како што додаваат, недоволно ниво на професионалност од страна на одредени компании, кои се занимаваат со оваа дејност – превоз на патници, граѓаните на одреден линии. Од општината велат дека по целосниот избор и завршување на постапката градоначалникот ќе излезе со предлог до Советот овие загуби од домашните буџети на семејствата коишто се засегнати од имплементација на ваквата законска постапка да бидат директно субвенционирани и стимулирани со дополнителни олеснувања во делот на користење на овие јавни услуги, по примерот на пензионерите, а во иднина и студентите. - Обвинувањата од страна на поединечни компании превозници во градот, коишто веќе имаат склучено договори со Општината за вршење на дејност, а за жал по констатираниот инспекциски надзор не се придржуваат кон договорите, се неосновани и ги отфрламе во целост бидејќи сметаме дека имаат за цел повторно монополизирање на јавниот превоз од страна на неколку компании во градот и континуирано непочитување на договорите, прилагодување на возните редови и квалитетот на возилата по нивно лично убедување за сметка на реалните потреби на граѓаните, наведиваат од општината. Оттаму додаваат дека најавениот протест на дел од превозниците е уставно загарантирано право и општината нема да го коментира. - Што се однесува до конкретни барања од страна на овие незадоволни компании, ние ги немаме добиено во писмена форма освен што ги следиме информациите коишто излегуваат на поедини портали, велат од општината. Во соопштението се наведува дека градоначалникот и Советот на Општина Куманово како избрани органи на локална самоуправа од страна на граѓаните имаат законска обврска да обезбедат најсоодветна и квалитетна јавна услуга на граѓаните. - Цврсто сме решени да го спроведеме законот во целост, притоа не фаворизирајќи ниту една компанија или поединец, приоритетно водејќи се од интересите на граѓаните и нивните потреби. Сите тие коишто го попречуваат вршењето на јавната услуга ќе бидат соодветно санкционирани во рамки на нашите законски овластувања. Очекуваме дека поедини стари навики на одредени компании и лица ќе се искоренат и конечно дел од давателите на овие услуги ќе разберат дека при давање на јавната услуга не треба да се водиме само од финансиски бенефит туку првенствено од општиот јавен интерес на сите граѓани и целокупната јавност, заклучуваат од општината.ам/бт/

Остани поврзан