Општина Куманово ги отстранува времените објекти спроти Комитет
- Постапката за отстранување на времените објекти спроти зградата на Комитет е во тек, информираа денеска надлежните од општина Куманово. Оттаму потврдуваат дека е предвидено отстранувањето на објектите.
Куманово, 28 февруари 2024 (МИА) - Постапката за отстранување на времените објекти спроти зградата на Комитет е во тек, информираа денеска надлежните од општина Куманово. Оттаму потврдуваат дека е предвидено отстранувањето на објектите.
Според податоците на Општината, ќе се отстранат сите објекти поради реализација на детален урбанистички план. Дел од овие објекти се сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а дел се на приватни сопственици.
- На таа површина како што веќе неколку пати е најавено се предвидува изградба на нова општинска зграда во која ќе бидат сместени сите сектори од општината, информираа од општина Куманово.
Од Секторот за урбанизам од општина Куманово напомнуваат дека дел од објектите се од времен карактер, сопственост на АД за стопанисување на станбен и деловен простор, а друштвото има и половина од станбен објект кој е склон на паѓање. Како што информираа стручните, за овој објект ќе се преземе друга постапка со решение за отстранување на вакви објекти. Времените објекти ќе се отстрануваат преку секторите за комунални дејности и за инспекциски надзор.
- Има дел од објекти што се отстранети врз основа на елаборат за отстранување на склонопадни објекти од 2015, направена е и стручна ревизија, поделени се и решенија на оние кои ги имаат објектите на имотен лист. Останува постапката за објектот кој е на самиот агол, бидејќи е и склонопаден и не е запишан на имотен лист и во моментов има статус на бесправно изграден објект, така што постапката на поинаков начин ќе се води. Постапките се управни и течат споро, имаат право на жалба на тужба, но дел по дел се решаваат, изјави раководителката на секторот Емилија Сларидис Јаневска.
Паралелно се работи и на барањата за бесправно изградени објекти, предметите за легализација се затвораат. Дел од нив се склонопадни, некои од нив веќе не постојат. На оваа локација со години се предвидува изградба на административна зграда. Во 2013-та година беше избрано идејно решение за решавање на локалитетот „Чоробенско Ќоше“. Тогашната власт го промовираше идејното решение за локалитетот во строгото централно градско подрачје бидејќи е планирано согласно ГУП, изградба на општинска зграда.
- Во 2011 беше распишан конкурс, победи првонаградениот труд „Сонце“, авторските права се откупени од општината преку СИПР е нарачан основен проект во 2013 изработен од штипска фирма, кој е предаден на СИПР кој го достави и до нас. Доколку се реши реализацијата на овој проект би требало проектот да се презавери и да се усогласи со денешната регулатива, изјави Сларидис Јаневска.
Општината не може да преземе конкретни чекори бидејќи локацијата е спорна, иако голем дел е сопственост на државата, останатиот треба да се расчисти.
Претходната локална власт информираше дека тука треба да се гради комплекс со пет и пол илјади квадратни метри комерцијални содржини со што долниот дел ќе има подземни трикатни гаражи. Комплексот требаше да има дел за административна зграда на Општината со шест илјади квадратни метри.
Засега општинската администрација е сместена во четири различни објекти од кои за два плаќа закуп. ам/мд/
Фото: МИА