• четврток, 26 март 2026

Општина Крива Паланка најавува богата културна програма до крајот на месецот 

Општина Крива Паланка најавува богата културна програма до крајот на месецот 

Крива Паланка, 19 август 2025,( МИА) - Од почетокот на неделава, сѐ до 30 август, Крива Паланка ќе прерасне во вистински културен, забавен и духовен центар на регионот, нудејќи им на жителите и на посетителите ширум државата и надвор од границите, незаборавно доживување исполнето со музика, традиција, уметност, спорт и духовни вредности, посочија од службата за комуникација со јавноста во Општина Крива Паланка.

Од општината велат дека преку разни содржини: уметнички изведби, интернационален фолклор, современа музика, спортски активности и духовни настани, Крива Паланка ќе биде место каде што традицијата се спојува со современите културни изрази, создавајќи платформа за дијалог меѓу генерациите, култури и вредности.

- Горди сме што Крива Паланка оваа година претставува синоним за културно обединувње, за афирмација на македонското наследство, но и за современ пристап кон уметноста и забавата. Нашата цел е да ја почувствувате душата на Крива Паланка преку песна, игра, вкус, спортски активности, духовност и гостопримство.  Со отворени срца ги пречекуваме сите гости и пријатели да бидат дел од ова лето што ќе се памети – истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Програмата, вклучува: спортска манифестација за најмладите „Фудбал за сите“,  која ја ќе трае до петок, на 22 август, музичка вечер со трибут на легендарната група „Бјело Дугме“ во изведба на „Бјело копче“, од 25 до 27 август, 20-ти јубилеен Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, со учество на ансамбли од повеќе земји, истите три дена 25–27 август ќе се одржи и манифестацијата „Шопско село“, уникатен фестивал на традиционална храна и ракотворби, а годинава централна тема е „Зелникот на баба“, симбол на домашната кујна и топлината на македонското семејство. Овие настани ќе се одржат на централниот градски плоштад, каде на 25 август ќе настапи Александар Јовевски со проектот ,, Од колено на колено“, на 26 август, Сашко Јовев ,, Од изворот“ и 27 август, Андријана Јаневска и проект „Митан“.

На големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, 28 август 2025 ќе се одржи осветување на православниот граѓански крст во месноста Мартиница, што се гради на иницијатива на група граѓани.

-Програмата ќе кулминира со големите концерти по повод денот на патрон-светителот , заштитник на градот, Свети Јоаким Осоговски, на 29 август, со музичка вечер со Мирза Селимовиќ, популарната балканска музичка ѕвезда, Цеца Ражнатовиќ и ДЈ Галовски, спектакл што ветува, а ќе се одржи на градскиот стадион, каде ден потоа, на 30 август организираме завршна вечер со незаборавна забава: Дејан Петровиќ и Биг Бенд, Саша Ковачевиќ и ДЈ Том Нови, кои ќе донесат вистинска енергија за големо финале на летниот фестивалски маратон  Со својата енергична, богата и квалитетна програма, Крива Паланка не само што го слави културното наследство, туку го гради својот идентитет како современа општина отворена кон светот, но длабоко вкоренета во своите вредности.Гостопримството на жителите на Крива Паланка во комбинација со богатата програма, создаваат неповторлива атмосфера која секоја година носи нови пријателства и спомени. Ги покануваме сите медиуми, институции и граѓани да бидат дел од настаните и да ја споделат оваа приказна што ги обединува луѓето преку културата, дополнуваат од општината.  ид/свс

Фото Општина Крива Паланка 

Остани поврзан