Општина Кочани ќе помага во обновувањето на полските патишта и каналската мрежа
- Општина Кочани ќе помага во поправката и оспособувањето на оштетените полски патишта и на дел од каналската мрежа за наводнување и одводнување на земјоделските површини, за да им помогне на з
Кочани, 9 јануари 2020 (МИА) – Општина Кочани ќе помага во поправката и оспособувањето на оштетените полски патишта и на дел од каналската мрежа за наводнување и одводнување на земјоделските површини, за да им помогне на земјоделците пред претстојната сеидба на оризот и на другите пролетни култури.
Ова беше заклучено на денешната работна средба што градоначалникот Николчо Илијев, со индивидуални земјоделци, претставници на здруженијата на оризопроизводители и на оризопреработувачките капацитети од Кочанско.
–Ние ги ставаме нашите капацитети на располагање и во наредниот период ќе се направат увиди во сеидбените планови, но и на лице место, а со цел да се подобрат полските патишта и да се олесни транспортот на земјоделските производи. Исто така, се ставаме на располагање на земјоделците за поддршка при аплицирањето по претстојниот повик од ИПАРД-програмата за земјоделска механизација, со приоритет за ролобалирачки и машини за сечење на сламата. Овие мерки имаат за цел да помогнат во искористувањето на сламата за потребите на Пречистителната станица за отпадни води и за намалување на палењето на стрништата, истакна градоначалникот Илијев.
Земјоделците ги образложија приоритетните полски патишта и сугерираа модели за соработка во прибирањето на оризовата слама заради што поголем опфат на површините и ефикасност во нејзиното собирање и транспорт.
На средбата на која присуствуваа и раководителите на водостопанската подружница „Брегалница“ и на подрачната единица на Министерството за земјоделство, беше дадена поддршка на почнатите активности за подобрување на патната мрежа во полскиот регион и за обновување на делови од системот за наводнување.Притоа, беше побарано контактите и разговорите меѓу локалната власт и земјоделците да продолжат, а на следните состаноци да присуствуваат и претставници од ресорното министерство од Скопје.
Неопходноста од оспособување на каналската мрежа беше образложена со фактот дека 2019 беше есктремно сушна година, а во моментот акумулацијата Калиманци располага со 28 милиони метри кубни вода, што е околу 23 отсто од вкупниот капацитет. та/ир