Општина Кочани потпиша договори за стипендирање на 30 редовни студенти
- Во просториите на Општина Кочани денеска беа потпишани договорите за доделување стипендии на 30 редовни студенти кои студираат на јавните високошколски установи во државата.
Кочани, 30 декември 2024 (МИА) – Во просториите на Општина Кочани денеска беа потпишани договорите за доделување стипендии на 30 редовни студенти кои студираат на јавните високошколски установи во државата.
Нивниот избор беше направен по претходно објавениот конкурс според кој кандидатите требаше да задоволат одредени критериуми во поглед на постигнатиот успех, социјалната состојба и дефицитарноста на струката. Во предвидениот рок на конкурсот се пријавиле вкупно 33 кандидати, при што двајца студенти ги повлекле пријавите, а еден бил запишан на приватен факултет.
Износот на стипендијата по студент изнесува 3.500 денари месечно и ќе се исплаќа за периодот од септември годинава до јуни идната година.
Градоначалникот Љупчо Папазов присуствуваше на потпишувањето на договорите што лично им ги додели на студентите, посакувајќи им успех во студирањето.
-Се надевам дека финансиската поддршка што ја обезбедува Локалната самоуправа ќе биде добра мотивација за натамошни успеси во образованието, но таа ви дава и обврска да бидете дел од потенцијалните кадри кои, како професионалци во струките за кои се школувате, ќе работат во јавните институции и приватните компании во општината. Очекувам навреме да ги завршите студиите и со вашиот стручен придонес да станете корисни граѓани за општината и целата општествена заедница, истакна Папазов.
Според критериумите што ги пропиша Општината, се планираше десет стипендии да се доделат на студенти од социјално загрозени семејства, по пет за лица од ромската етничка заедница и за студенти на факултетите за медицински науки, а останатите на студентите кои постигнале висок успех во студирањето, што им носеше и најмногу бодови. Услов за добивање стипендија е кандидатот да е жител на Општина Кочани и да не прима друг вид парична помош.
По поднесените пријави, 14 стипендии се доделени на студенти на факултетите за медицина, а останатите се кандидати кои се образуваат на математичко-информациските, образовните и општествените науки.
Во изминатите 16 години Општина Кочани додели околу 400 стипендии, главно за студенти, а во првата година од стипендирањето финасиска помош добија и средношколците. Вкупната сума што до сега ја добија младите лица кои студираат на високошколските установи во државата изнесува околу 200 илјади евра. та/дма/
Фото: МИА