• среда, 31 декември 2025

Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари

Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари

Скопје, 30 декември 2025 (МИА) - Со 17 гласа „за“ и седум „против“, Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари, со силна развојна компонента со доминантен фокус на капиталните инвестиции и подобрување на квалитетот на живот во општината, соопшти попладнево општинската прес-служба.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, презентирајќи го буџетот пред Советот, истакнала дека отчетноста и транспарентноста биле водечки принципи во неговата подготовка, при што секој предлог од граѓаните бил разгледан и најдобрите идеи се вградени во планот за 2026 година. Во основниот Буџет, кој изнесува 864.233.262 денари, 57 проценти, се наменети за капитални инвестиции. Средствата се насочени кон изградба и реконструкција на улици и коловози, подобрување на водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, како и изградба и реконструкција на училишта и детски градинки. Дополнително, преку јавните повици на Владата, општината реализира 24 капитални проекти во вредност од 496 милиони денари, од кои најголем дел се во напредна фаза.

-Буџетот за 2026 година е креиран заедно со граѓаните и е воден од принципите на рационално трошење, висока транспарентност и одговорност. Најголемиот дел од средствата ги насочуваме кон капитални инвестиции, затоа што тие носат трајни и видливи промени во секојдневието на нашите сограѓани, истакнала градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

Од Општина Кисела Вода информираат дека Буџетот предвидува и значителни средства за заштита на животната средина, изградба на паркови и зголемување на зелените површини, како и мерки за социјална сигурност, субвенции за енергенси, поддршка за новороденчиња, матуранти и пензионери, како и финансиска поддршка за ученици кои постигнуваат високи резултати во науката и спортот.

- Со донесувањето на Буџетот за 2026 година, Општина Кисела Вода ја продолжува развојната насока кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, со јасна визија за подобар живот на сите граѓани, се вели во соопштението.лв/вј/

фото: Општина Кисела Вода 

Остани поврзан