Општина Демир Хисар го одбележа 2. Септември – Ден на ослободувањето на градот
- Општина Демир Хисар го одбележа празникот „Втори Септември“ ден на ослободувањето на градот, кој според градоначалникот Никола Најдовски, годинава се слави скромно и достоинствено. Според востановената традиција, делегација на локалната самоуправа предводена од градоначалникот Никола Најдовски положи цвеќе пред Спомен обележјето на Стојан Лазаровски и споменикот на незнајниот борец во градскиот парк во Демир Хисар, а во Домот на културата „Илинден“ се одржа и свечена седница.
Демир Хисар, 2 септември 2025 (МИА) - Општина Демир Хисар го одбележа празникот „Втори Септември“ ден на ослободувањето на градот, кој според градоначалникот Никола Најдовски, годинава се слави скромно и достоинствено.
Според востановената традиција, делегација на локалната самоуправа предводена од градоначалникот Никола Најдовски положи цвеќе пред Спомен обележјето на Стојан Лазаровски и споменикот на незнајниот борец во градскиот парк во Демир Хисар, а во Домот на културата „Илинден“ се одржа и свечена седница.
-Годинава празникот го славиме и одбележуваме скромно и достоинствено. Потсетивме на минатото и посочивме на иднината на нашиот град кој е во подем и развој. Втори септември е датум кој останува запишан во нашата историја како симбол на храброста, пожртвуваноста и љубовта кон слободата. Денес ние не само што се сеќаваме на минатото, туку и ја градиме иднината на нашите деца и идните генерации. Втори септември не е само датум на сеќавање. Тоа е потсетник на обврската што ја имаме пред нашите предци и пред сите борци, да го развиваме нашиот град чесно, одговорно и достоинствено. Тоа е завет кон минатото и патоказ за иднината, истакна градоначалникот Најдовски, на денешната свечена седница во Демир Хисар.
Во рамки на празничната програма, свеченост се одржа и во детската градинка „Втори Септември“ која денеска го прослави својот патронен празник. мт/сст/
Фото: МИА