Општина Делчево и Доброволно противпожарно друштво „Волонтер“ потпишаа Меморандум за зајакнување на безбедноста на граѓаните
- Соработката предвидува заеднички активности и континуирана поддршка во справување со пожари и елементарни непогоди.
Делчево, 24 март 2026 (МИА) - Општина Делчево и Доброволното противпожарно друштво „Волонтер“ Делчево денеска го потпишаа Меморандумот за соработка, со кој се отвора нова фаза на координација и подготвеност за реагирање при пожари и други елементарни непогоди.
Со потпишувањето на меморандумот, двете страни се обврзуваат на воспоставување континуирана соработка, реализација на заеднички активности и преземање конкретни мерки за подобрување на безбедноста на граѓаните.
Од Општина Делчево информираат дека ќе обезбедат логистичка и техничка поддршка на доброволното друштво, со цел зголемување на ефикасноста при интервенции на терен. Градоначалникот на општината Иван Гоцевски истакна дека ангажманот и придонесот на членовите на ДПД „Волонтер“ се клучни за заштита на заедницата и создавање побезбедна средина за сите жители.
-Заштитата на населението и создавањето на сигурна средина остануваат врвен приоритет за општината. Соработката со ДПД ‘Волонтер’ значително ја зајакнува нашата подготвеност при елементарни непогоди,“ изјавија градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.
Меморандумот, исто така, предвидува редовни заеднички обуки, симулации на интервенции и активности за подигање на јавната свест за превенција и правилно реагирање при пожари.
Со овој чекор, Делчево се позиционира како општина која посветено инвестира во безбедноста на своите граѓани, со континуирана поддршка на волонтерските организации кои играат значајна улога во справувањето со ризиците од елементарни непогоди. вс/сст/
Фото: МИА