Општина Велес со Владата потпиша договори за 15 капитални проекти
- Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев вчера ги потпиша договорите со Владата за реализација на петнаесет капитални проекти на територијата на Општинатa во вредност од над 6 милиони евра. Со договорите се обезбедени средства за реконструкција на неколку локални патишта: меѓу кои патот од село Отовица до село Сојаклари, како и патот од село Чолошево до населбата Дорутовец. Ќе се реконструираат влезовите во селата Иванковци, Башино Село на потегот од фирмата „Енмон“ до сред село. Реконструкција на влез во село Караслари од бензинската пумпа на „Макпетрол“ до центарот на селото и реконструкција на влез во село Мамутчево.
Велес, 18 јули 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев вчера ги потпиша договорите со Владата за реализација на петнаесет капитални проекти на територијата на Општинатa во вредност од над 6 милиони евра. Со договорите се обезбедени средства за реконструкција на неколку локални патишта: меѓу кои патот од село Отовица до село Сојаклари, како и патот од село Чолошево до населбата Дорутовец. Ќе се реконструираат влезовите во селата Иванковци, Башино Село на потегот од фирмата „Енмон“ до сред село. Реконструкција на влез во село Караслари од бензинската пумпа на „Макпетрол“ до центарот на селото и реконструкција на влез во село Мамутчево.
Во рамки на проектите предвидена е и реконструкција на плоштадот во центарот на Велес, како и на Противпожарниот дом, кој ќе добие и нов помошен објект и комплетно партерно уредување. Спортската сала „Гемиџии“ ќе биде реконструирана со интервенции на електричната и водоводната инсталација, како и делови од архитектурата.
Дополнително ќе се реконструира улицата „Васил Главинов“, каде е предвидена и изградба на потпорен ѕид, фасадата на средното училиште ССОУ „Димитрија Чуповски“, улицата „Васил Ѓоргов“ од крстосницата кај театарот до плоштад Којник, како и улиците „11 Октомври“, „Белградска“ делницата од градинката до магацините на ЈКП „Дервен“ и „Алексо Демниевски - Бауман“ од поранешниот Жито Вардар до Железничката станица.
Во денешната изјава за МИА градоначалникот Марко Колев се заблагодарува на поддршката на Владата за овие капитални објекти во вредност од над 6 милини евра, а што е досега најголема финансиска поддршка што ја добива Општина Велес.
Како што потенцира градоначалникот Колев, проектите претставуваат значаен чекор во насока на подобрување на локалната инфраструктура и урбано уредување, а нивната имплементација е резултат на успешната соработка меѓу локалната и централната власт.
-Соработката помеѓу локалната и централната власт е клучна за развој на општината, за што и во иднина ќе продолжиме да се залагаме, потенцира градоначалникот Колев. ад/мд/
Фото: МИА архива