• сабота, 23 ноември 2024

Општина Босилово бара помош за санација за небезбеден мост, ЦУК бара да се затвори за движење

Општина Босилово бара помош за санација за небезбеден мост, ЦУК бара да се затвори за движење

Струмица, 23 мај 2023 (МИА) - Мост на реката Струмица во атарот на селото Секирник во Општина Босилово, е видливо оштетен, во лоша состојба, со паднат носечки столб и преставува опасност за тие што го користат.

Ова денеска го соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), а директорот Стојанче Ангелов на покана на градоначалникот на Босилово Ристо Манчев, беше во посета на оштетениот мост.

Според Ангелов, се работи за прилично фреквентен мост, кој го користи населението од овој регион за извршување на земјоделски работи на околу 50 хектари.

-Еден од носечките столбови кој ја држи носечката конструкција е паднат и со тоа стабилноста на мостот е значително нарушена. При движење преку мостот можат да се почувствуваат силни вибрации. Повеќе од очигледно е дека овој мост не е безбеден и затоа препорачуваме на Општина Босилово да ангажира стручни лица за да ја испитат стабилноста на мостот и ќе утврдат дали може да се санира или целосно треба да биде затворен и да се изгради нов мост. Како ЦУК препорачуваме на Општина Босилово да го затвори за движење овој мост затоа што за нас безбедноста на луѓето е на прво место, стои во изјавата на директорот Ангелов.

Гадоначалникот Манчев вели дека Општината денеска ќе испрати барање до ЦУК и до Владата за да може заедно да се санира овој мост.

-Станува збор за надлежност на локалната самоуправа, но заради ограничените можности на Општината бараме поддршка и од Владата како би можеле во иднина да изградиме мост кој е многу важен за локалното население, рече Манчев.

Според земјоделците, овој мост го користат не само тие од селото Секирник, туку и од други села во регионот и преку него поминуваат со тешка земјоделска механизација и затоа бараат што побрзо да се санира мостот, бидејќи нема да можат до дојдат до своите ниви. рт/мс/

Фото: ЦУК

Остани поврзан