Општина Битола ќе се збратими со Општина Бејликдузу од Турција
- Општина Битола ќе се збратими со турската Општина Бејликдузу, а меморандумот за соработка ќе го потпишат градоначалниците Тони Коњановски и Мехмет Мурат Чалик.
Битола, 30 декември 2024 (МИА) - Општина Битола ќе се збратими со турската Општина Бејликдузу, а меморандумот за соработка ќе го потпишат градоначалниците Тони Коњановски и Мехмет Мурат Чалик.
Од кабинетот на битолскиот градоначалник за МИА потврдија дека размената на неопходните информации и писма на намери е завршена, а иницијативата е потврдена и од локалните општински Совети.
-Прифатена е иницијативата на градоначалникот на Општина Бејликдузу, Мехмет Мурат Челик воедно поддржана од бизнис секторот на Бејликдузу со која ќе се овозможи збратимување на општините. Нивната одлука е со претходна согласност на тамошното Министерство за животна средина, урбанизација и климатски промени и е со цел развивање на соработка на солидарност во општествените и културните односи. Со актот за збратимување ќе се развиваат економски, културни, инфраструктурни и урбанистички проекти и соработки, како и развој на нови технологии, нагласија од Општина Битола.
Збратимувањето на градовите овозможува промовирање во странство и со чинот на потпишување во 2025 година, Битола покрај градот Бурса, ќе биде збратимена и со Бејликдузу, општина во која живеат над 400 илјади жители и гравитира на т.н. европска страна на Истанбул. мт/сст/
Фото: МИА