ОН стравува дека бројот на ХИВ инфекции ќе порасне поради кратење на американското финансирање
- Извршната директорка Вини Бјанима изрази разбирање за желбата на САД да ги намалат средствата за меѓународните програми за помош, но предупреди дека наглото повлекување би имало катастрофални последици. Таа истакна дека досега ниту еден друг донатор не најавил дека ќе го покрие овој финансиски јаз.

Женева, 24 март 2025 (МИА) – Дневниот број на нови ХИВ инфекции ширум светот би можел речиси да се удвои без финансиската поддршка од САД, соопшти денеска во Женева претставник на програмата на Обединетите нации за борба против ХИВ и СИДА (UNAIDS).
Извршната директорка Вини Бјанима изрази разбирање за желбата на САД да ги намалат средствата за меѓународните програми за помош, но предупреди дека наглото повлекување би имало катастрофални последици. Таа истакна дека досега ниту еден друг донатор не најавил дека ќе го покрие овој финансиски јаз.
Според неа, африканските влади работат на зголемување на вложувањата во здравствениот сектор, но овие промени не можат да се случат веднаш.
Бјанима наведе дека буџетот на UNAIDS за 2024 година изнесува 220 милиони долари, од кои повеќе од половина доаѓале од САД.
Поради кратењето на американската поддршка, илјадници заразени со ХИВ веќе немаат пристап до неопходните лекови, што може да доведе до брзо ширење на вирусот, предупреди таа.
Според проценките на UNAIDS, во следните четири години, без средствата од САД, би можело да се регистрираат 8,7 милиони нови инфекции и 6,3 милиони дополнителни смртни случаи.
Бјанима посочи дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да постигне добар договор доколку ѝ дозволи на американската фармацевтска компанија „Gilead“ да ги дистрибуира своите лекови на најзагрозените, што би донело значителен профит.
UNAIDS соопшти дека во 2023 година во светот биле регистрирани 1,3 милиони нови ХИВ инфекции, а бројот на смртни случаи од компликации поврзани со СИДА изнесувал 600.000. Бјанима ги повика САД што поскоро да го обноват финансирањето.ссм/
фото: архива