• петок, 22 ноември 2024

Онлајн трибина: Менструалната сиромаштија ризик за жените, потребно намалување на данокот на хигиенските производи

Онлајн трибина: Менструалната сиромаштија ризик за жените, потребно намалување на данокот на хигиенските производи
Скопје, 10 март 2021 (МИА) – Менструалната сиромаштија не претставува само здравствен ризик за девојчиња и жени, туку потенцијално ја загрозува и нивната животна благосостојба и опстанок. Едно од решенијата на овој проблем е да се намали данокот на хигиенските производи за менструација, од 18 проценти на 5 проценти, а 0 проценти данок за производите кои се од еколошки аспект прифатливи. Ова е само дел од заклучокот од денешната онлајн трибина „Менструална правда во македонското општество” организирана од Форумот на жени на ДОМ. Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на зелената партија ДОМ во своето обраќање на денешната трибина, напоменувајќи дека во македонското општество темата поврзана со менструација е сеуште табу тема, предложи да се намали оданочувањето на хигиенските производи за менструација. - Предлагам наместо 18 проценти да имаме оданочување со 5 проценти за хигиенските производи кои ги користат жените за менструација, а без оданочување, односно 0 проценти данок да бидат хигиенските производи кои се од еколошки аспект прифатливи, а тоа се менструални чаши и хигиенски влошки со повеќекратна намена, рече Морачанин. Таа потенцира дека ваков тип на производи за повеќекратна употреба и менструални чаши сеуште не се ниту достапни во маркетите низ државата. -И начинот на кој се обезбедуваат средства во буџетот треба да биде родово одговорен. На овој начин, бидејќи жените плаќаат 18 проценти од даночните производи кои одат во буџет наменет за сите и за мажи и жени мислам дека е фер да се намалат даночните стапки за хигиенските производи за менструација, додаде Морачанин. Според податоците од една анкета од пред една година, како што информира Морачанин, дури 15 проценти од девојчињата наместо хигиенски влошки за менструација, користат крпи, весници и она што можат да си го дозволат, бидејќи немаат доволно средства за да можат да си купат хигиенски производи наменети за менструација. Според Морачанин, потребно е да се влијае и во училиштата да се подобрат условите, односно да се обезбедат соодветни тоалети каде што има услови за хигиена кај девојчињата. Според истражувањата спроведени на светско ниво, во просек една жена годишно троши 100 долари наменети за хигиенски производи за менструација. -Особено за социјални категории ова се значителни средства затоа треба да најдеме начин да тие бидат подостапни, рече Морачанин. Јана Коцевска, претставничка на невладината организација „Тиииит! Инк.“ во своето обраќање рече дека менструалната сиромаштија е феномен на глобално ниво.   Ова, како што рече, ги засега и девојчињата и жените но и други лица кои менструираат. Според истражувањето спроедено од оваа организација, во декември минатата година кое беше онлајн и за полнолетни лица, прашалник го пополниле 2 696 граѓани, и тоа жени кои живеат во урбани средини со високо образование, во просек на возраст од 28 години. Како што истакна Коцевска, речиси секоја трета учесничка одговорила дека барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија... Според ова истражување, 71 отсто од анкетирани жени користат лекарство против менструална болка. Половина од жени чувствуваат силна или многу силна болка поврзана со менструалното крварење. -Повеќе од половина кога добиле прва менструација се чувствувале збунето, секоја трета се чувствувала уплашено а секоја четврта засрамено. Приближно петтина одговориле дека криеле извесен период дека имаат добиено менструација. Тоа се околу 540 жени и девојки. Тоа исто така ни покажува колку оваа тема е стигматизирана, додава Коцевска. Во истражувањето е наведено дека дури 67 отсто одговориле дека ставот дека е срамота да имаат дамки од менструација на облеката или да им протече тој став им бил наметнат со социјализација или воспитување, најмногу од домашните, од родителите, што е навистина голем процент. Голем дел од жените одговориле и дека се чувствуваат нечисто кога имаат менструација. Над 40 проценти од жените се обидувале да ги скријат влошките кога ги набавувале од продавница. Наташа Доковска, претставничка на невладината организација Новинари за човекови права” на трибината посочи дека во време на пандемијата проблемите со менструалната сиромаштија се зголемени. 

Како што рече, во нашата држава се повеќе се продлабочува јазот на жени кои не можат да си набават, односно не можат да купат средства за управување со менструалното здравје. Над 60 жени од жените во рурални и 20 од урбаните средини не употребуваат никакви комерцијални менструални производи поради високата цена на чинење.  

Според Доковска, загрижува податокот дека над 10 отсто од жените честопати немаат можност за никакви средства и користат тоалетна хартија, весници или пак сами си прават, шијат влошки за управување со менструалната хигиена.  

-Едно петчлено семејство со минимални месечни примања, каде 4 се жени треба да одвојат од 15 до 17 отсто од примањата за хигиенски производи за управување со менструална хигиена. Тоа е причина зошто дел од девојчињата не одат на училишта за време на периодот или мајките отсуствуваат од работа, додава Доковска. бт/ац/

Остани поврзан