• четврток, 20 февруари 2025

ОМД Шведска свечено го одбележа своето официјално отворање и 20-годишнината на ОМД на глобално ниво

ОМД Шведска свечено го одбележа своето официјално отворање и 20-годишнината на ОМД на глобално ниво

18 февруари 2025

Со голема гордост објавуваме дека Обединетата Македонска Дијаспора – Шведска (ОМД Шведска) организираше свечена гала вечер по повод официјалното отворање на нашата организација во Шведска и одбележувањето на 20-годишнината на ОМД на глобално ниво. Овој настан претставува историски момент за македонската заедница во Шведска и значаен чекор кон зацврстување на нашата посветеност на обединување, зачувување и унапредување на македонската култура и наследство.

Минатата година го започнавме формирањето на ОМД Шведска, а благодарение на основачкиот одбор – Мирјана Наумоска, Антонијо Трпевски, Трајче Цветановски, Габриела Јакимова, Пеце Релушковски и Александра Гарбеска – како и останатите активни членови, успешно ги поставивме темелите на новото македонско движење во Шведска. Нашата мисија е да ги обединиме Македонците и пријателите на Македонија, да ги зајакнеме врските меѓу двете земји и да создадеме платформа која ќе ги поддржи македонските организации, здруженија и професионални заедници.

Од особено значење е и партнерството што го градиме со цел промоција на македонските бизниси и професионални достигнувања на Македонците во Шведска и пошироко во Скандинавија.

Свечената гала вечер се одржа во присуство на истакнати претставници од македонската и шведската заедница, кои со своето присуство ја потврдија важноста на ОМД во зачувувањето и промоцијата на македонската култура, традиција и историја.

Настанот беше отворен од страна на претседателката на ОМД Шведска и Ко-основач, Мирјана Наумоска и Директорот на ОМД за Македонија и Европа, Гордан Јорданов, како и свои обраќања во виртуелна форма имаа и Почесниот Претседател и Ко-основач на ОМД Методија А. Колоски и Потпретседателот за Глобални Операции и Член на Бордот Стојан Николов. Особена чест ни беше да имаме поздравно обраќање од Амбасадорот на Република Македонија во Кралството Шведска, г-дин. Џенк Сејфула, кој беше дридружен од заменикот шеф на мисијата, г.-дин Стојанче Китаноски. Меѓу присутните беа и претставници од македонските здруженија и институции, вклучувајќи ја претседателката на Македонскиот Сојуз, Гордана Крклинска и претседателот на КСД Македонија, Златко Кршоски. 

Гостите имаа можност да се запознаат со извонредни поединци кои несебично придонесуваат за македонската заедница, како што се г-ѓа Елизабета Дамева, библиотекар и волонтер која ја обнови македонската библиотека во Трелеборг и Катерина Бачевска, позната флејтистка активна во Стокхолм. Присутни беа и претставници на друштвото „Св. Јован“ од Стокхолм и Малме, како и администраторите на онлајн групата „Македонски Амбасадори во Шведска“ – Ивана Ристова и Благица Дамева, која брои околу 7000 членови.

Настанот беше збогатен со извонредни уметнички и музички настапи од Андријана Арлен (пијано), Миланка Новеска Густавсон (оперска пејачка), Бјонко Стошиќ Петерсен (кларинет), Зоран Јањиќ (гитара), како и музичарите на „Ритам Бенд“ – Горан Петровски, Михајло Пановски и Александар Павлевски. Специјална благодарност упатуваме и до модераторот на вечерта, Даниела Цветановски, како и до Детската фолклорна група при МПЦО „Св. Наум Охридски“ – Малме.

Голема благодарност и до нашите спонзори – „Винарија Тиквеш“ за поддршката со вина, како и „Lambes Blommor“, во сопственост на Славица Ламбе, за прекрасната цветна декорација на настанот.

ОМД Шведска веќе реализираше повеќе проекти и иницијативи со значајно влијание во македонската заедница, како што се донации за македонската библиотека во Трелеборг, мебел за деца, книги и поддршка за културни проекти. Посебно се гордееме со поддршката за групата „Дениција“, која настапи во шведскиот парламент по повод Денот на независноста на Македонија.

Во иднина, нашата визија вклучува организирање дополнителни социјални и културни настани, зајакнување на соработката со други македонски организации и промовирање на позитивен јавен дискурс за Македонија и Македонците во Шведска.

Оваа Гала вечер беше само почеток. ОМД Шведска ќе продолжи со реализација на проекти што ја негуваат македонската култура, ги обединуваат нашите луѓе и ја зајакнуваат соработката со Македонија. Нашата работа не би била возможна без вашата поддршка, затоа ве охрабруваме да се приклучите на оваа мисија – со донации и активно учество. Заедно можеме да направиме разлика и да изградиме светла иднина за следните генерации Македонци во Шведска, Скандинавија и ширум светот."

Обединета Македонска Дијаспора 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан