• сабота, 14 јуни 2025

Олимписката сала „Сунел арена“ во Атина подготвена за ракометното финале АЕК – Алкалоид

Олимписката сала „Сунел арена“ во Атина подготвена за ракометното финале АЕК – Алкалоид

Атина, 18 мај 2025 (МИА) – Со продадени над 8.000 влезници, рекорден број за ракометен натпревар на грчки АЕК, олимписката сала „Сунел арена“ во западниот дел на Атина е подготвена за првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу АЕК и Алкалоид, јави дописничката на МИА од Атина.

Во 18 часот по македонско, 19 часот по локално време, ќе започне историското финале за македонскиот тим, кој е подготвен за денешниот предизвик.

Олимписката сала полека почна да се полни еден час пред натпреварот, а се чини дека домаќините ќе имаат силна поддршка од навивачите кои со дресови и знамиња ги обоија трибините во жолто-црна боја, што се и боите на атински АЕК. 

-Дојде денот за европското финале! Денот кога луѓето од АЕК повторно ќе напишат историја со рекордна посетеност на ракометен натпревар!, коментираа од атинскиот клуб.

Во салата е и помал група навивачи на Алкалоид, кои од Скопје пристигнаа за да им дадат поддршка на избраниците на Лазаров во првото европско финале.

Од ВИП делот на трибините, натпреварот АЕК и Алкалоид ќе го следат и министерот надлежен за спорт Јанис Вруцис, како и префектот на областа Атика поширокиот регион на Атина Никос Хардањас.

Натпреварот во живо ќе го пренесуваат грчкиот и македонскиот јавен сервис.

Реваншот ќе се одигра за една седмица, на 25 мај во Скопје, во салата „Борис Трајковски“. ср/

Фото: МИА

Остани поврзан