• недела, 22 декември 2024

Октомвриски агро активности во Пелагонија

Октомвриски агро активности во Пелагонија

Битола, 5 октомври 2022 (МИА) - Променливото време, разликата во сончеви и облачни денови, како и разликата во утринските и дневните температури на воздухот, директно влијаат врз активностите во Пелагонија, велат земјоделците од тој крај.

Во октомври кај сите дрва се одвива процес на складирање на резервни хранливи материи, а тоа кај младите овошни насади, бара длабока обработка на почвата, посочуваат од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството-АПРЗ со седиште во Битола.

-Во овој месец, доколку дозволуваат временските услови, се уште може да се садат јагоди и тоа садење треба да е завршено до средината на месецот, за да може растенијата убаво да се вкоренат за да не изгинат во текот на зимата. Веднаш по паѓањето на листовите, препорачливо е сите овошни дрвца да се испрскаат со 2 отсто раствор на Бордовска чорба. Со ова се олеснува борбата против бактериските болести, кадравоста на листот и слично. Јаболката и крушите препорачливо е да се истретираат со 5 отсто раствор од уреа. Под кората на дрвјата обично презимуваат црвените пајачиња, некои видови грини, црви и други штетници. Затоа кон крајот на месецот треба стеблата и подебелите гранки да се премачкаат со 20 проценти варова каша, препорачуваат агро експерти од Битола.

Спред советите од АПРЗ-Битола, градинарските култури кои се наменети за потрошувачка во текот на зимата, треба да се приберат пред настапувањето на поголемите мразеви. Кочаните се отсекуваат под коренот и се чуваат во ровови. Морковите за зимска потрошувачка исто така се чуваат во ровови.

- Во првата половина на месецов се сади салатата и зелената салата кои се наменети за пролетната потрошувачка. На крајот на октомври, или најдоцна на почетокот на ноември се прибираат празот, ротквиците, зелените домати, карфиолот и главестата зелка. Во овај период се сади зелениот кромид на отворено за рана пролетна потрошувачка, велат од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола. мт/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан