Оксфам: За два и пол месеци само 12 камиони со храна и вода пристигнаа во северниот дел на Газа
- Само десетина камиони со хуманитарна помош за два и пол месеци дистрибуирале вода и храна во северниот дел на Појасот Газа, соопшти невладината организација Оксфам.
Њујорк, 23 декември 2024 (МИА) - Само десетина камиони со хуманитарна помош за два и пол месеци дистрибуирале вода и храна во северниот дел на Појасот Газа, соопшти невладината организација Оксфам.
Таа вест денеска ја прогласи за лажна Израел, тврдејќи дека пристигнале повеќе од 2.000 камиони.
„Од 34 камиони со храна и вода на кои им беше дозволено да влезат во северниот дел на Појасот Газа во изминатите два и пол месеци, намерните доцнења и систематските опструкции од страна на израелската војска доведоа до тоа само 12 да успеат да дистрибуираат помош за гладните палестински цивили“, се наведува во соопштението на Оксфам.
Оксфам и другите меѓународни хуманитарни агенции „континуирано се спречени да доставуваат помош во северна Газа од 6 октомври, кога Израел го засили бомбардирањето“, се вели во соопштението на невладината организација.
Когат, тело на израелското Министерство за одбрана кое ги надгледува цивилните активности на палестинските територии, сепак тврди дека од 2 октомври повеќе од 2.100 камиони со помош влегле во северниот дел на Појасот Газа.
„Извештајот на Оксфам намерно и неточно ги игнорира значајните хуманитарни напори преземени од Израел во северниот дел на Појасот Газа“, се вели во соопштението на Когат.
Израел строго го контролира доаѓањето на меѓународната помош, неопходна за 2,4 милиони жители на Газа, по почетокот на војната предизвикана од нападот на исламистичкото движење Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година.
Израел постојано е обвинуван за геноцид во Газа, вклучително и пред меѓународните судови, на иницијатива на Јужна Африка. Израелските власти остро ги отфрлаат обвинувањата. паг/
Фото: МИА архива