Околу 300 учесници и гости од странство на фестивалот „Пеце Атанасовски“ на Рудина, Долнени
- Околу 300 учесници од сите краишта на Македонија и гости од Холандија и од Австрија, изведуваат изворни песни и свират на народни инструменти продолжувајќи ја вековната традиција на зачувување на богатиот изворен мелос. Денеска ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја понесе гран при фестивалската награда „Гајдата на Пеце“ што ја доделува општина Долнени.
Прилеп, 1 јуни 2025 (МИА) - На Рудина, Долнени синоќа се одржа првата фестивалска вечер, а денеска е вториот натпреварувалки ден на 51. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски.
Околу 300 учесници од сите краишта на Македонија и гости од Холандија и од Австрија, изведуваат изворни песни и свират на народни инструменти продолжувајќи ја вековната традиција на зачувување на богатиот изворен мелос. Денеска ќе бидат прогласени најдобрите изведувачи, а најдобриот гајдаџија ќе ја понесе гран при фестивалската награда „Гајдата на Пеце“ што ја доделува општина Долнени.

Повеќе од половината учесници оваа година се млади изведувачи, што го потврдува фактот дека богатиот изворен мелос се пренесува на новите генерации.
-Фестивалот ја исполнува својата задача. Поголемиот дел се млади изведувачи, значи, продолжува пренесувањето и зачувувањето на богатиот фолклорен мелос, вели Стојанче Костов, етнокорелог од Iнститут за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, член на управниот одбор на Фестивалот.
Учесниците од сите краишта на Македонија го зачувуваат квалитетот на изведбите.

- Речиси сите учесници на високо ниво го изведуваат изворниот мелос, музицираат на изворните инструменти кои се изработени во земјава. Фестивалот ја негува традицијата и не случајно се одржува во Долнени, лулката на гајдаџиството, домот на универзалниот уметник со светски глас Пеце Атанасовски. Фестивалот ќе ја додели гран при наградата за најдобар гајдаџија, токму во чест на патронот, но и како потврда дека е нераскинливо врзан со овој изворен инструмент кој е веќе на листата на УНЕСКО како заштитено нематеријално културно наследство, рече Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.
Учесниците се на возраст од 8 до 90-тина години, а радува фактот што и нашинците во Виена Австрија го негуваат изворниот мелос. На Фестивалот настапи виенскиот оркестар „Александар“, а веќе четврта година на Фестивалот е ентузијасот, вљубеник во македонскиот мелос Ернест Холанд.

-Многу сакам да свирам на гајда, ја сакам македонската традиционална музика со сите ритами. Научив многу песни на гајда од источна Македонија, вели Холанд.
Во рамките на фестивалот се одржаа семинар за изучување на народните инструменти и песни и симпозиум за „Фолклорот во минатото и денес“, на кој беше промовиран шестиот зборник на научни трудови од фолклористирака.
Денеска со прогласувањето на најдобрите ќе заврши 51. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. ем/цр
Фото: МИА