„Оејзис“ со концерти во Лондон, првпат по 16 години
- Настапот на „Вембли“ е прв по оној на 12 јули 2009 година. Вечерва е закажан првиот од седумте концерти.
Лондон, 25 јули 2025 (МИА) - Британскиот поп-рок состав „Оејзис“ (Oasis) се враќаат во Лондон заради своите први настапи таму по повеќе од 16 години. Имено, по серијата свирки во „Хитон парк“ дома во Манчестер, групата, составена од браќата Лијам и Ноел Галагер, ќе се качи на сцената на стадионот „Вембли“ в петок.
Дуото ја објави својата долгоочекувана турнеја откако повторно се собраа во август минатата година. Инаку, познато е дека Ноел самиот излезе од групата во 2009 година, по тепачка зад сцената на фестивал во Париз, Франција. Настапот на „Вембли“ е прв по оној на 12 јули 2009 година. Вечерва е закажан првиот од седумте концерти.
Инаку, вечерта ќе ја најават рок-групата „Каст“ (Cast), и пејачот од некогашниот состав „Верв“ - Ричард Ешкрофт.
Следните настапи во Лондон се на 26. и 30 јули, па на 2. и 3 август, по што следат концертите во Единбург, Шкотска, и Даблин, Ирска. Составот се враќа на „Вембли“ на 27. и 28 септември.
Потоа бендот настапува и во Јапонија, Јужна Кореја, па Јужна Америка, Австралија и Северна Америка.
Формиран во Манчестер во 1991 година, поп-рок составот го предводат главниот гитарист Ноел и главниот вокалист Лијам. Тие имаа хит-песни како „Don't Look Back In Anger“, „Champagne Supernova“, „Wonderwall“ и „Live Forever“. Последниот студиски албум на бендот - „Dig Out Your Soul“ беше издаден во 2008 година, само неколку месеци пред расправијата во Париз. си/
Фото: МИА архива