• понеделник, 18 ноември 2024

Од 17 до 19 мај  11. Самит на Македонија2025 во Скопје

Од 17 до 19 мај  11. Самит на Македонија2025 во Скопје
Скопје, 6 мај 2022 (МИА) – Невладината Македонија2025 на 17, 18 и 19 мај во Скопје ќе го одржи 11-тиот Самит на кој ќе се обратат околу 40 говорници меѓу кои и премиерот Димитар Ковачевски и неговата српска колешка Ана Брнабиќ. Според организаторот, фокусот на самиот ќе биде кон се она што може да се направи за да се избегнат кризите и да станеме попродуктивни и со тоа да се подобри животниот стандард на граѓаните и деловното опкружување за бизнисите. -Самитот почнува со економски теми и со разгледување на тековните проблеми и она што се случува во Западен Балкан, а потоа ќе поминеме на темите за кои мислиме дека ќе донесат подобра иднина. Сакаме да покажеме и успешни приказни од бизниси од Македонија и од регионот. Очекуваме околу 40 говорници и околу 400 гости. Главната тема на самитот е поврзана со  дигитализацијата и технологиите и како тие носат кон компании, работна сила и администрација на иднината, односно како може да помогнат да станеме поефикасни и попродуктивни и да се подобри животниот стандард, изјави Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025. Нагласи дека на самитот ќе доминираат говорници од Западен Балкан и Југоисточна Европа, како и претставници од македонската дијаспора главно од САД и Канада. -Светската и домашната економија се соочуваат со една од најтешките кризи во поновата историја и е комбинација од намалено производство и проблеми  во синџирите на доставување на храна, но и растечка инфлација, односно стагфлација. Ова е многу тешко за носителите на економски политики затоа што мерките кои може да се применат за да се зголеми домашното производство, односно БДП се контрадикторни со мерките кои треба да се применат за да се намали растечката инфлација. Затоа веројатно најдобри политики во овој период се да се помогне на оние кои се најранливи категории на граѓани, но истовремено да се мисли на иднината и да се зголемат инвестициите главно во инфраструктурата и образованието, односно инвестициите во  човечкиот капитал, посочи Мојсоска Блажевски во одговор на прашање. Нагласи дека мерките треба да бидат многу таргетирани и со ограничено времетраење, бидејќи, потенцира, на тој начин се создаваат очекувања за иднината и големи буџетски дефицити кои во иднина  ќе треба да се вратат од сите граѓани или со повисоки даночни стапки или на некој друг начин. -Секако граѓаните и бизнисите ќе треба да бидат тие што ќе треба да ги обезбедат средствата за враќање на долговите. Затоа сум за кратки, директни или таргетирани мерки, а не мерки кои ќе се однесуваат на голема популација. Треба да мислиме на иднината и затоа мора да следи ограничување на растот на платите и на пензиите, бидејќи секако парите ќе треба да се вратат, потенцира Мојсоска Блажевски.вј/лв/  

Остани поврзан