Од 16 до 30 август трето издание на промотивно-спортската манифестација „Ohrid Water Festival“
- Охрид од 16 до 30 август ќе пулсира во знакот на третото издание на промотивно-спортската манифестација „Ohrid Water Festival“, осмислена со цел популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во земјава.
Охрид, 13 август 2025 (МИА) – Охрид од 16 до 30 август ќе пулсира во знакот на третото издание на промотивно-спортската манифестација „Ohrid Water Festival“, осмислена со цел популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во земјава.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција ја најави манифестацијата презентирајќи ја деталната програма што предвидува бројни содржини, за кои изрази уверување дека ќе донесат незаборавно доживување за учесниците и ќе го привлечат вниманието на публиката.
- Станува збор за случување што ги спојува водените спортови, убавата музика и гастрономската понуда на ова поднебје. Фестивалот на водата во Охрид со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата, доколку се има предвид дека второто издание беше за 80 проценти попосетено и со поголем број натпреварувачи од првата година. За оваа година се очекува бројките да се зголемат за уште 40 проценти, што значи дека веќе со третото издание добиваме сериозен настан, што претставува промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и на водените спортови, во комбинација со социјално-едукативната и културна програма што не изостанува, рече Пецаков.
Идејата на самото формирање на фестивалот, како што посочи, била и во насока на заживување на се она што е спорт на вода.
- Охрид нуди услови за развој на тие спортови, од кои дел се олимписки дисциплини така што со несебичната поддршка на локалната бизнис-заедница може да се очекува ова поднебје да изнедри и некои нови олимпијци, рече тој.
Фестивалот започнува со ревијалниот ватерполо турнир кај Градското пристаниште, каде истиот ден ќе се одржат и интересни педалинки-игри. Наредниот ден на Градскиот базен ќе се одржи Пливачкиот митинг, како и Меѓународната кајак регата во организација на Клубот „Стрмец“.
Од 18 до 21 август на плажата „Кај Дивоно“ ќе се одржува меѓународен едриличарски тренинг-камп, а на 22 и 23 август ќе се одржи и Меѓународната едриличарска регата.
За 24 август се предвидени Спортскиот риболовен куп, додека за 25. Меѓународна охридска веслачка регата, Меѓународно штафетно нуркање и суп-активности и јога на вода.
На 26 август ќе се одржи 33-километарската маратонска суп-трка што ќе стартува од кај Радожда и Љубаништа, со цел на Градското пристаниште во Охрид.
Манифестацијата содржи и други ревијални активности во едрење, промотивно рекреативно нуркање за деца, културно-едукативни содржини за сите генерации, музички содржини...
Годинашното издание ќе биде заокружено на 30 август со Охридскиот пливачки маратон што ќе се одржува на патеката Свети Наум - Охрид, со учество на познати пливачки имиња.аб/вј/
Фото: МИА