• вторник, 18 јуни 2024

Од 12 до 19 декември Инженерски натпревар за студентите од УКИМ

Од 12 до 19 декември Инженерски натпревар за студентите од УКИМ
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје може да ја покажат својата иновативност и креативност со решавање реални проблеми во рамки на ИН 2022,  Инженерски натпревар, кој е организиран од БЕСТ Скопје. ИН 2022 ќе се одржи од 12 до 19 декември 2022 година. Натпреварот дава можност за стекнување со нови вештини и подобрување на логичкото размислување. Поделен е во две категории, Case Study и Innovative Design. Case Study се фокусира на теоретско решавање на некој реален проблем од инженерството, кој треба да се поткрепи со факти и да се презентира како изводливо решение. Оваа категорија се стреми кон спојување на веќе постоечки технологии со цел да се дојде до решение кое ќе биде најоптимално и најекономичнo. За Innovative Design треба да се смисли ново или да се надогради веќе постоечко решение за проблемот. Заедно со презентацијата треба да се направи и прототип за дизајнот, односно практично да се имплементираат идеите за разрешување на проблемот. Задачите и проблемите се зададени од страната на партнер-компанијата „Костал“, чии претставници ќе ги следат и оценуваат проектите заедно со професори од техничките факултети при УКИМ. - Целта на натпреварот е и поттикнување на самостоен развој надвор од студиските програми на факултетите. Начинот на кој се зададени проблемите, самиот концепт и практичната имплементација на идеите скршнува од традиционалното образование и овозможува стекнување на поинакво искуство, стои во соопштението. За учество во натпреварот треба да се формира тим од тројца до петмина студенти, кои заедно ќе работат во разрешување на дадениот инженерски проблем. Пријавувањето не е лимитирано и доколку нема тим, студентот може да се пријави сам, а БЕСТ Скопје ќе се потруди да формира тим за него. БЕСТ Скопје е локална група на интернационалната студентска организација БЕСТ (Борд на европски студенти по технологија). БЕСТ Скопје е непрофитна и невладина организација водена исклучиво од студенти. мд/сп/

Остани поврзан