• понеделник, 23 декември 2024

Од 1 мај Грција го укинува сертификатот во внатрешноста на земјата, за патување дополнително ќе се донесе одлука (ДПЛ)

Од 1 мај Грција го укинува сертификатот во внатрешноста на земјата, за патување дополнително ќе се донесе одлука (ДПЛ)
Атина, 13 април 2022 (МИА) – Сертификатот за вакцинација или прележан Ковид-19, како и задолжителниот тест за невакцинираните што важат за влез во сите простори во внатрешноста на Грција, од 1 мај до 31 август се укинуваат, а за правилата за патување во земјата, дополнително ќе се донесе одлука, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, претпладнево ги соопшти одлуките на Владата за олабавување на мерките, меѓу кои, освен укинувањето на сертификатот, се укинува и задолжителната маска на затворено од 1 јуни, како и задолжителниот селф тест за учениците. -Од 1 мај до 31 август се укинува сертификатот за вакцинација и прележана болест за влез во сите простори, затворени и отворени. Тоа значи дека и онаму каде што беше задолжително тестирање, нема да биде потребно да се спроведува. Мерката, одново ќе се разгледа на 1 септември. Паралелно, во следниот период ќе се разгледа и укинувањето задолжителното покажување на европскиот сертификат за влез во земјава, па така ќе постои ново соопштение, рече Плеврис. Исто така од 1 мај нема да биде потребно учениците да се тестираат со селф тестови, невакцинираните вработени ќе прават само еден рапид тест седмично, а сите простори ќе работат со 100 отсто од капацитетот и се укинуваат секакви ограничувања. До крајот на следниот месец останува задолжителна маската за внатрешните простори, нешто што ќе се укине од 1 јуни. -Сите мерки одново ќе се разгледаат на 1 септември, согласно ситуацијата со пандемијата, истакна Плеврис. Во пракса, како што анализира МИА, новите одлуки значат дека во отворените и затворените објекти во Грција, каде досега се бараше валиден сертификат за вакцинација со непоминати, првично седум, а сега девет месеци од втората доза или потврда за прележан Ковид-19 што важеше 90, а сега 180 дена или тест за невакцинираните, од 1 мај нема да биде потребен никаков документ и пристапот ќе биде слободен за сите, и за вакцинирани и за невакцинирани. Меѓутоа, за патување и влез во Грција, сè додека не постои конкретна одлука, остануваат во сила актуелните правила и и понатаму ќе биде задолжителен документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, валиден девет месеци по втората доза и без ограничувања за примена бустер, потврда за прележан Ковид-19 до 180 дена по првиот позитивен тест или негативен резултат од ПЦР/рапид тест. За време на Велигденските празници, нема никакви промени на мерките што важат сега, а според Плеврис, по две години пауза сите религиозни настани ќе се одржат регуларно, со почитување на здравствените протоколи. ср/сд/

Остани поврзан