• недела, 22 декември 2024

Од февруари во Тетово ѓубрарина ќе се наплаќа по станбена површина наместо по глава на жител

Од февруари во Тетово ѓубрарина ќе се наплаќа по станбена површина наместо по глава на жител

Тетово, 12 јануари 2024 (МИА) – Од први февруари годинава за собирањето на сметот граѓаните ќе треба да плаќаат во зависност од станбената површина, одлучи Советот на Општина Тетово на денешната 26-та седница.

Цената за собирање отпад за домаќинства за станбена површина по еден квадратен метар ќе изнесува 3,20 денари. Правните лица ќе плаќаат 4,35 или 4,95 денари по метар квадратен во зависност од големината на субјектот.

Како што беше најавено од раководството на општината, по потпишувањето на договорот со приватната фирма за јавно приватно партнерство се менува практиката да се плаќа по тоа колку луѓе живеат во живеалиштето.

- Ваквиот начин на наплата ќе почне од февруари. Податоците за станбените површини претпријатието ќе го преземе и синхронизирана електронски од агенцијата за катастар и од старата база на ЈКП Тетово, изјави Даут Мемиши, управителот на „ОАНЕУМ ДООЕЛ“, ново општинско друштво за комунални услуги.

Дел од советниците забележаа дека новиот начин на наплата може да ги зголеми сметките за комунални услуги.

- Мислам дека ќе биде пореално. Пример некој што има шест члена дома плаќал фиксно 400 и нешто денари. Сега ако има пример 100 квадрати ќе плаќа 320 денари. И за овие нови цени во наредните три до шест месеци ќе се анализира дали се добри за граѓаните, никој не сака да ги оштети граѓаните, изјави Даут Мемиши.

Дел од точките на дневен ред на Советот беше избор на командир за полициската станица од општа надлежност, но мнозинството не поддржа ниту еден од тројцата предложени кандидати.

Претседателот на Советот на Општина Тетово, Бесар Дурмиши информираше дека е изгласана физибилити студија за реконструкција на градската водоводна мрежа.

- Таа студија треба да покаже каде и што да се смени во водоснабдителната мрежа, какви материјали да се користат за да се намалат загубите на водата за пиење, рече Дурмиши.ас/фф/

Фото: МИА 

Остани поврзан